Поминаа 41 година откако Casio го претстави својот прв G-Shock дигитален часовник, а сега најновиот модел на компанијата ја претставува досега најверната модерна верзија на оригиналот.
Станува збор за моделот G-Shock DW-5000R, кој визуелно е речиси идентичен со оригиналниот модел DW-5000C, што се појави во далечната 1983 година.
Робусниот и привлечен изглед на моделот DW-5000C буди носталгија и претставуваше нов концепт кога првпат беше претставен. Неговиот креатор, инженерот на Casio, Кикуо Ибе, беше инспириран да создаде часовник отпорен на оштетувања откако неговиот механички часовник се уништил при пад од рака. Резултатот беше G-Shock со „triple 10“ отпорност, што значеше: десетгодишно траење на батеријата, отпорност на вода под притисок од 10 бари и издржливост при пад од 10 метри. G-Shock стана еден од најлегендарните брендови во светот, тесно поврзан со уличната мода (streetwear културата).
Во соопштението, Casio наведува дека DW-5000R претставува „високо ниво на репродукција“ во споредба со некои претходни ограничени изданија, што укажува на можноста овој модел да стане дел од редовната G-Shock линија. Сепак, постојат и неколку разлики. Големината на куќиштето е зголемена од 41,6 на 42,3 мм, копчињата се пократки во однос на оригиналниот модел, а отпорноста на вода сега е 20 бари наместо 200 метри.
Некои спецификации се модернизирани, како LED позадинското осветлување и користењето на „биомаса пластика“ за рамката и нараквицата, со цел да се намали влијанието врз животната средина. Куќиштето сè уште е изработено од нерѓосувачки челик и ги вклучува очекуваните карактеристики како штоперица, мултифункционален аларм и приказ на календар.
G-Shock DW-5000R ќе биде достапен на јапонскиот пазар од 13 декември по цена од околу 217 долари.
Засега нема информации за негово глобално лансирање.