Компанијата Meta ќе инвестира 10 милијарди долари во глобален оптички кабел, избегнувајќи чувствителни области на глобални геополитички конфликти.
Meta планира револуционерен проект за изградба на подморски оптички интернет кабел што ќе се простира низ целиот свет. Според извештајот на TechCrunch, оваа мрежа, долга преку 40.000 километри, е дизајнирана да ги заобиколи подрачјата со геополитички тензии, како што се Црвеното Море, Јужно Кинеско Море, Египет, Марсеј, Малачкиот Проток и Сингапур, каде што каблите претходно биле саботирани.
Иако Мета веќе е сопственик на 16 постоечки кабелски мрежи, овој проект ќе биде целосно во нејзина сопственост, овозможувајќи ѝ приоритетен пристап до ресурсите за своите производи и услуги. Со ова, Мета ќе се приближи до стратегијата на Google, кој приватно поседува неколку кабелски рути и инвестира во уште 33 нови.
Првите информации за проектот ги објави експертот за подморски кабли, Сунил Тагаре, уште во октомври. Проектот го нарече „мајката на сите подморски кабли,“ а поради формата на трасата, мрежата ќе го носи името „W.” Очекуваните трошоци за изградба ќе изнесуваат 10 милијарди долари, а реализацијата ќе трае помеѓу пет и десет години.
Според најавите, Мета на почетокот на 2025 година ќе открие дополнителни детали, вклучително и капацитетот, трасата и причините за изградба на сопствен кабел. Планираната рута ќе ги поврзува источниот и западниот брег на САД преку клучни точки во Индија, Јужна Африка и Австралија, со цел да се избегнат регионите со чести оштетувања на каблите.
Овој амбициозен проект е дел од напорите на Мета да преземе поголема контрола врз глобалната дигитална инфраструктура, истовремено намалувајќи ја зависноста од проблематични области и забрзувајќи ја комуникацијата во рамките на своите сервиси.