Јапонската компанија Science Co. од Осака најавува „Машина за перење луѓе на иднината“ која може да ја револуционизира личната хигиена и искуството со капење.
Јапонската компанија Science Co. со седиште во Осака, позната по своите иновативни тушеви и кади, разви напредна машина за перење луѓе наречена „Мираи Нинген Сентакуки“ или „Машина за перење луѓе на иднината“.
На Светската изложба во Осака во 1970 година, технолошкиот гигант Sanyo Electric Co., денес познат како Panasonic Holdings Corp., ја претстави првата машина за перење луѓе во светот. Футуристичкиот дизајн во облик на јајце и технологијата со меурчиња привлекоа огромно внимание и ја разбудија имагинацијата на јавноста. Меѓу посетителите тогаш беше и четвртокласникот Јасуаки Аојама, кој остана фасциниран од овој иновативен изум.
Денес, како претседател на компанијата Science Co., Аојама е решен да го оживее овој концепт за новата генерација. „Ќе понудиме нова машина за перење луѓе како наследство од изложбата од 1970 година,“ изјави Аојама за јапонските медиуми, додавајќи дека ажурираниот модел ќе биде претставен за време на Expo 2025 во Осака во април 2025 година.
Оригиналната машина за перење луѓе користеше ултразвучни бранови создадени од големи меурчиња воздух за чистење на корисниците и ослободуваше пластични топчиња за масажа. Наспроти тоа, „Машината за перење луѓе на иднината“ користи микроскопски меурчиња воздух кои се значително поефикасни во чистење на телото. Таа е опремена со најсовремени сензори кои го мерат пулсот и други биолошки параметри на корисникот за да ја одржуваат водата на идеална температура. Дополнително, AI системот одредува дали корисникот е опуштен или возбуден и проектира слики на проѕирниот капак на машината за создавање соодветна атмосфера.
Според информациите од компанијата, уредот со форма на кокпит делумно се полни со топла вода кога корисникот ќе се смести во централното седиште, а потоа милиони микроскопски меурчиња го чистат телото. Аојама изјави дека компанијата планира да овозможи до 1.000 луѓе да ја испробаат оваа иновативна машина за време на следната изложба во Осака.
Science Co. работи на овој проект веќе неколку години. Иако дизајнот на првиот прототип значително се промени, компанијата го исполни својот првичен план да го лансира производот во 2025 година. Овој амбициозен проект ветува уникатно искуство со капење и потенцијално ќе го редефинира начинот на кој луѓето ја доживуваат личната хигиена во иднината, пренесува OddityCentral.