Претседателот на глобалните работи во Meta, Ник Клег призна дека компанијата е свесна за високите стапки на грешки при модерирањето на содржините, што доведува до прекумерно отстранување на содржини.
Meta сè уште се соочува со проблеми во прецизноста на модерирањето на содржините на своите социјални мрежи, истакна Клег за време на разговор со новинарите.
„Свесни сме дека стапките на грешки при спроведувањето на нашите правила сè уште се премногу високи, што ја нарушува слободата на изразување што се трудиме да ја овозможиме. Премногу често се случува безопасни содржини да бидат отстранети или ограничени, а премногу луѓе да бидат неправедно казнети,“ изјави Клег.
Тој исто така нагласи дека Meta жали поради строгите правила воведени за време на пандемијата на Ковид-19, кои доведоа до масовно отстранување на содржини. Потсети на изјавата на извршниот директор на Мета, Марк Закерберг, кој пред Комитетот за правда на Претставничкиот дом на САД призна дека одлуките биле донесени под притисок на администрацијата на Бајден.
„За време на пандемијата имавме многу строги правила, кои доведоа до отстранување на голема количина содржини. Никој не знаеше како ќе се развива ситуацијата, па затоа ова може да се смета како задоцнета памет. Сепак, сега, со оваа перспектива, чувствуваме дека претеравме. Целосно сме свесни за тоа, бидејќи корисниците со право го подигнаа својот глас и се пожалија дека понекогаш претеруваме со спроведувањето на правилата, правиме грешки и отстрануваме или ограничуваме безопасни или невини содржини,“ додаде Клег.
Како што пренесува The Verge, изјавите на Клег доаѓаат во момент кога Мета троши милијарди долари годишно на модерирање на содржини, но и покрај тоа, се соочува со различни критики. Последните трендови на Threadsпокажуваат низа грешки во отстранувањето на содржини, вклучувајќи го и случајот кога системите на вештачката интелигенција на Мета цензурираа фотографии од новоизбраниот претседател Доналд Трамп, откако преживеа обид за атентат.
Надзорниот одбор на Мета уште претходно предупреди дека грешките во модерирањето, особено пред претседателските избори во САД, можат да доведат до „прекумерно отстранување на политичкиот говор.“ Иако компанијата сè уште нема направено значителни промени во правилата за содржините што се прикажуваат, Клег напомена дека на правилата се гледа како на „жив документ“ кој со текот на времето ќе се прилагодува.