Microsoft ја „изгаси“ секоја надеж дека ќе ги намали хардверските барања за уредите кои поддржуваат оперативниот систем Windows 11.
Поддршката за Windows 10 ќе заврши во октомври 2025 година, а од Microsoft јасно порачаа дека нивните Trusted Platform Module (TPM) 2.0 модули за Windows 11 се нешто за кое „нема преговори“.
Технологијата TPM 2.0 беше изненадувачко барање за Windows 11 кога првпат се појави во 2021 година, но денес речиси секој модерен PC се продава со поддршка за TPM 2.0. Ова е, всушност, чип или фирмвер на ниво на хардвер кој помага во шифрирање и дешифрирање на податоци, верификација на дигитални потписи и асистира во други криптографски операции.
„TPM 2.0 игра клучна улога во подобрувањето на заштитата на идентитетот и податоците на Windows уредите, како и во одржувањето на интегритетот на системот. Исто така, помага во заштита на чувствителни информации во време кога сè повеќе AI можности влегуваат во физичката, cloud и серверската инфраструктура“, изјави Стивен Хоскинг, виш продукт менаџер во Microsoft.
TPM 2.0 обезбедува поддршка за Secure Boot, клучна технологија која го штити процесот на стартување на системот од неовластени промени. Дополнително, интегрира нови безбедносни функции во Windows 11, како Credential Guard, Windows Hello for Business и BitLocker за енкрипција на дискот.
Хоскинг јасно порача дека TPM 2.0 е стандардот за иднината на Windows и дека нема простор за намалување на хардверските барања.
Поради дополнителните барања, Windows 11 е поддржан само на уреди со процесори произведени од 2018 година наваму.