Научниците направиле прв тест за урина кој би можел да укаже на можни знаци на рак на белите дробови.
Многу случаи на рак на белите дробови се дијагностицираат во подоцнешните фази, што значи дека болеста може да биде потешка за лекување. Сепак, истражувачите се надеваат дека раното откривање може да значи дека пациентите ќе добијат третман порано, што им дава поголеми шанси да ја пребродат болеста.
Пионерскиот тест трага по така наречените „зомби“ клеточни протеини кои би можеле да укажат дека пациентот има рак на белите дробови во најраните фази. Успешно е тестиран на глувци, а научниците се надеваат дека наскоро ќе започнат тестирање и на луѓе.
Научниците ги проучувале протеините кои ги излачуваат старите клетки. Овие клетки често се нарекуваат „зомби клетки“, бидејќи се живи во телото, но не можат да растат и да се делат. Клетките предизвикуваат оштетување на ткивата со тоа што ја ре-програмираат својата непосредна околина за да помогнат во развојот на клетки на рак.
Сега научниците развиле сензор за инекции кој стапува во интеракција со протеините од „зомби клетките“ и ослободува лесно забележливо соединение во урината, што сигнализира за нивното присуство.
Идентификуван е специфичен протеин што овие клетки го ослободуваат во белодробното ткиво, а дизајнирана е сонда која се состои од два дела, од кои помалиот преминува во урината преку бубрезите. Кога ќе се најде во урината, овој дел од сонда е премал за да биде откриен, но може да се направи видлив со додавање на мала количина раствор на сребро.
Следејќи ја бојата на урината, велат научниците, можно е да се утврди дали клетките се присутни во белите дробови, што би укажувало на рани знаци на патолошки промени кои би можеле да доведат до рак.
Научниците кои стојат зад оваа студија, која е финансирана од Cancer Research UK, рекле дека сакаат да најдат тест кој би бил поевтина алтернатива на скапите скенирања. Ракот на белите дробови е водечки светски причинител на смрт и предизвикува околу 1,8 милиони смртни случаи секоја година.