Според најновите информации, Apple планира да започне со производство на новиот модел на iPad Pro со M5 процесор во втората половина на 2025 година, а неговото појавување на пазарот се очекува кон крајот на истата година.
Новиот iPad Pro ќе биде првиот уред на Apple што ќе користи M5 чип, кој би требало да донесе умерени подобрувања во перформансите и енергетската ефикасност во споредба со актуелниот M4 чип. За изработка на M5 процесорот, се планира употреба на напредниот 3-нанометарски производствен процес на компанијата TSMC, во комбинација со технологијата System on Integrated Chip (SoIC). Поради трошоците за производство, Apple одлучи да не го имплементира поновиот 2-нанометарски процес.
Познатиот аналитичар Минг-Чи Куо наведува дека новиот iPad Pro нема да има значителни промени во дизајнот. Оваа одлука не е изненадувачка, имајќи предвид дека актуелниот модел веќе воведе потенок профил и OLED дисплеј на почетокот од оваа година.
Познатиот технолошки веб-порталот CultOfMac пишува: „Apple обично ја надградува својата iPad Pro линија на производи во циклус од 12 до 18 месеци. iPad Pro со M4 чип беше претставен во мај 2024 година, што беше 19 месеци по неговиот претходник со M2 чип. Посебно е интересно што Apple тогаш прескокна цела една генерација на своите процесори, претставувајќи побрз и поенергетски ефикасен 3-нанометарски систем на чип (SoC). Новиот M4 процесор совршено се вклопи во потенкиот дизајн на iPad Pro за 2024 година, кој исто така доби напредни Tandem OLED дисплеј. Овој пристап во развојот покажува дека Apple понекогаш се оддалечува од стандардниот распоред за надградби кога тоа овозможува значителен технолошки напредок што носи поголема вредност за крајните корисници.“
M5 чипот подоцна ќе се појави и во останатите производи на Apple. Се очекува негова имплементација во MacBook Pro компјутерите во 2025 година, а постои можност да биде вграден и во новата генерација на Vision Pro уредите.