Honor 300 Ultra носи 50 MP перископ камера, SD 8 Gen 3 чипсет, ултразвучен сензор за отисок на прст и батерија од 5.300 mAh со брзо полнење од 100 W.
Ланската Honor серија модели со бројчани ознаки заврши со моделот 200 Pro, но оваа година доаѓа и Ultra модел. Honor 300 Ultra им се придружува на моделите Honor 300 и 300 Pro како врв во понудата во серијата, носејќи 50 MP перископ камера (IMX858) со 3,8x оптички зум и отвор на блендата f/3.0.
Honor 300 серијата продолжува да ја поддржува Harcourt Portrait функцијата, која имитира препознатлив изглед на портрети снимени во познатото париско фотографско студио со специфични ефекти на осветлување. Новата перископ камера овозможува снимање од поголема далечина, а Honor додаде и AI Light Control Engine за зачувување на реалистични светлосни ефекти и сенки.
Покрај перископ камерата, тука е и главната камера од 50 MP (IMX906) со оптичка стабилизација на слика (OIS) и ултраширока камера од 12 MP. Другите спецификации се усогласени со моделот Honor 300 Pro, вклучувајќи закривен 6,78-инчен AMOLED екран со FHD+ резолуција и освежување од 120 Hz. Honor наведува дека екранот достигнува максимална осветленост од 1200 nits на целата површина и до 4000 nits во некои делови. Една од предностите на моделот 300 Ultra е ултразвучниот сензор за отисок на прст интегриран во екран.
Honor 300 Ultra е достапен во конфигурации со 16 GB RAM и 1 TB меморија за снимање и чување податоци, при што капацитетот од 1 TB е ексклузивна опција за Ultra моделот. Сите три нови Honor 300 телефони користат MagicOS 9, заснован на Android 15 верзијата на оперативниот систем.
Телефонот има батерија од 5300 mAh со поддршка за брзо полнење од 100 W преку кабел и безжично полнење од 80 W. Уредот поседува IP65 сертификат и поддршка за двојна сателитска конекција во Кина. Honor 300 Ultra доаѓа во боите Camellia White и Ink Rock Black.
Цената започнува од 577 USD, додека моделот со 16 GB RAM и 1 TB меморија се продава по цена од приближно 646 USD. Почетокот на продажбата во Кина е закажан за 6 декември, а се очекува серијата Honor 300 да стигне и на други пазари, но останува нејасно дали сите модели ќе бидат достапни на глобално ниво, пренесува GSM Arena.