Со оглед на тоа што беше најавено дека новиот оперативен систем на Huawei користи само сопствени апликации и нема поддршка за Android, изненадувачка е информацијата дека сепак постои начин за уредите со овој OS да стартуваат апликации наменети за софтверот на Google.
Ова е можно и покрај тоа што Huawei OS воопшто не содржи Android код, бидејќи користи Harmony кернел, програмскиот јазик Changjie и моделот Pengu AI.
Неодамна, Huawei најави дека сите негови уреди за 2025 година, вклучувајќи ја и неодамна претставената Mate 70 линија, ќе бидат испорачани со оперативниот систем HarmonyOS Next. Во моментов е достапна јавна бета-верзија на новиот OS, а на Reddit се појавија информации за Android емулатор кој е достапен во AppGallery, продавницата за апликации на Huawei.
Овој емулатор, наречен EasyAbroad, е развиен за корисници на Huawei уреди надвор од Кина, кои имаат потреба од Google Mobile Services (GMS).
Со емулаторот EasyAbroad, корисниците можат да инсталираат Android апликации како што се YouTube, Instagram, Facebook, Google Search, Google Maps, Chrome, Gmail, Disney Plus, Netflix (само во SD квалитет) и многу други. Продавницата за апликации се појавува во форма на фолдер на почетниот екран на смартфонот, но корисниците не можат да ги извлечат апликациите од него и да ги постават нивните икони на почетниот екран.
Покрај тоа, можни се проблеми со примање на известувања и нотификации за овие Android апликации.
Емулаторот EasyAbroad е достапен за најновата бета-верзија на HarmonyOS Next. Тестерите тврдат дека апликациите се вчитуваат брзо и генерално работат непречено со користење на microG, бесплатна и open-source имплементација на сопственичките Google библиотеки, која ја заменува функционалноста на Google Play Services на Android и обезбедува клучни функции за оние кои немаат Google профил или поврзаност со серверите на Google. Благодарение на microG, емулаторот нема да покренува никаква Android апликација што е на црната листа.
Huawei во 2019 година ја загуби можноста за пристап до својот синџир на добавувачи од САД, вклучувајќи го и Google, што ја спречи кинеската компанија да користи верзија на Android со Google Mobile Services, што го натера Huawei да го развие HarmonyOS.