Загадувањето на воздухот и понатаму останува најголема еколошка закана за здравјето на Европејците.
Загадувањето на воздухот со фини честички однесе речиси 240.000 животи во Европската унија во 2022 година, што е намалување од пет проценти во споредба со претходната година, стои во извештајот на Европската агенција за животна средина објавен во вторникот.
Агенцијата проценила дека имало „најмалку 239.000“ смртни случаи кои можат да се припишат на изложеноста над препорачаните нивоа на PM2,5 – најситните честички што можат да се вдишат и кои се најопасни за човечкото здравје.
Бројот на смртни случаи како резултат на изложеноста на штетните честички бил најголем во Италија, Полска и Германија.
На целиот континент, оваа бројка е намалена во споредба со 2021 година, кога честичките, кои можат да навлезат длабоко во белите дробови, предизвикале прерана смрт кај 253.000 луѓе.
Агенцијата објави дека генерално, проценетиот ефект врз здравјето на луѓето се подобрува кога станува збор за долготрајна изложеност на трите клучни загадувачи на воздухот – фини честички, азотен диоксид и озон.
Меѓу 2005 и 2022 година, бројот на смртни случаи кои можат да се припишат на PM2,5 е намален за 45 проценти, па Агенцијата се надева дека ќе се постигне поставената цел – намалување на овие смртни случаи за 55 проценти до 2030 година.
Во извештајот стои дека се евидентирани 70.000 смртни случаи кои можат да се припишат на изложеност на загадувањето со озон (O3), особено како резултат на сообраќајот и индустриските активности, и 48.000 прерани смртни случаи предизвикани од вдишување на азотен диоксид (NO2), главно од возила и термоелектрани.
Агенцијата не ги собира овие бројки, бидејќи смета дека во тој случај некои смртни случаи би се бројале двапати, но истакнува дека загадувањето на воздухот и понатаму останува најголемата еколошка закана за здравјето на Европејците.