OnePlus работи на компактен премиум смартфон со Qualcomm Snapdragon 8 Elite процесор. Ќе има 6,3-инчен екран и главна камера од 50 мегапиксели.
Компактните врвни уреди не се многу присутни на пазарот, но наскоро на познатите модели што ги обожаваат љубителите на помали смартфони ќе им се придружи еден од OnePlus.
Според објава на Weibo, кинескиот производител работи на компактен смартфон кој ќе биде напојуван од моментално најсилниот чипсет на Qualcomm – Snapdragon 8 Elite. Како и другите компактни модели, ќе има 6,3-инчен екран со резолуција од 1,5K и главна камера со 50-мегапикселен Sony IMX906 сензор.
Компактниот смартфон на OnePlus нема да има телефото сензор, а дизајнот на системот за камери ќе биде хоризонтален, сличен на оној што го користи Google Pixel. Дополнително, телефонот ќе биде опремен со оптички сензор за отпечаток од прст под екранот, но според GSM Arena, компанијата сè уште размислува за премин на ултразвучна верзија.
Моментално нема повеќе детали, но се претпоставува дека компактниот смартфон на OnePlus ќе биде дел од серијата Ace 5. Глобалната достапност засега останува непозната.