Грбав кит ја заврши една од најдолгите и најнеобичните миграции забележани досега, која најверојатно е предизвикана од климатските промени, веруваат научниците.
Китот бил забележан во Пацификот кај Колумбија во 2017 година, а потоа се појавил неколку години подоцна во близина на Занзибар во Индискиот Океан, што значи дека поминал растојание од најмалку 13.000 километри.
Експертите веруваат дека ова епско патување може да се должи на климатските промени, недостатокот на храна или можеби обидот да најде партнер.
Екатерина Калашникова од Танзаниската програма за китови рече дека подвигот е „навистина импресивен и необичен дури и за овој преселнички вид“.
Калашникова рече дека ова е веројатно најдолгото патување на грбав кит некогаш забележано. Грбавите китови живеат во сите светски океани и секоја година поминуваат големи растојанија, додека нивната миграција е една од најдолгите кога се во прашање цицачите. Тие пливаат од тропските области каде што се размножуваат до поладни води каде што се хранат.
Една теорија за објаснување на долгото патување на грбавиот кит е дека климатските промени ги принудуваат неговите видови да патуваат понатаму во потрага по храна. Исто така, можно е китовите да истражуваат нови места за размножување бидејќи нивниот број се зголемува благодарение на глобалните напори за зачувување.
Китот е дел од групата која е фотографирана во близина на брегот на Колумбија во 2013 година, па беше виден во слична средина во 2017 година, а потоа во близина на Занзибар во 2022 година. Се работи за растојание од најмалку 13.046 километри, но научниците веруваат дека веројатно е многу поголемо.