Панелот „Одговорност за иднината: Вложување во луѓето и локалните заедници“ се фокусираше на значењето на инвестирањето во човечкиот капитал и развојот на локалните заедници како клучни фактори за одржлив раст. Кои се стратегиите за корпоративна општествена одговорност и нивното влијание врз подобрување на животниот стандард и економскиот просперитет на заедниците. Дополнително, се дискутираше за улогата на образованието, обуките и поддршката на локалните иницијативи во создавањето на инклузивно и просперитетно општество. На панелот се разговараше за тоа како компаниите можат стратешки да инвестираат во луѓето за да поттикнат долгорочен развој и иновации, но и за улогата на приватниот и јавниот сектор во зајакнување на локалните заедници преку одржливи проекти и иницијативи.Модератор на овој панел беше Катерина Јордановска Манева, менаџер за маркетинг и односи со јавноста, Кроација Осигурување.
Во своето обраќање Д-р Катерина Бошевска, извршен директор на Еос Матрих се осврна на:
„Одговорната наплата е наш принцип кој се темели на достоинствен однос кон должниците, јасни насоки и помош. Иако должничко-доверителските односи често создаваат дисхармонија, ние се трудиме да постигнеме заеднички прифатливи решенија. Покрај помагањето на корисниците, ја анализираме пазарната состојба и инвестираме во едукативни пристапи за економско заздравување. Во 2024 година се фокусиравме на дигитализацијата, воведувајќи нова алатка за дигитална комуникација што им овозможува на корисниците полесно да пристапат до своите информации. Комуникацијата е клучна, бидејќи избегнувањето на проблемите не е решение. Следната година ќе биде посветена токму на понатамошен развој на оваа алатка. Нашиот фокус останува и на континуирана едукација и усовршување на вработените. Вештините ги прават поуспешни во својата работа, особено со редефинирањето на процесите во компанијата. Исто така, имаме програма за едукација на младите, која ќе ја имплементираме во наредниот период како дел од образовниот процес. Како групација, се стремиме кон одржливост и излегување од стереотипите, фокусирајќи се на проекти што ги опфаќаат сите столбови на ЕСГ. Преку својата работа, се трудиме да допреме до заштитата на животната средина и да создадеме долгорочна вредност.“
Кристина Крстева, директор за одржлив развој на Бучим – Боров дол истакна:
„Компаниите преку вложувањето во заедниците придонесуваат за развој на општеството и ја покажуваат својата општествена одговорност. Тие обезбедуваат раст и таму каде што можностите се ограничени. Со основањето на една компанија, се отвораат нови работни места, што е првиот видлив позитивен ефект. Но, она што често останува незабележано е влијанието врз развојот. Купувањето од локалното население ги поттикнува малите и микро компании да се развиваат. Технолошкиот напредок создава нова побарувачка, што им овозможува на локалните бизниси да станат независни и самостојни. Инвестициите го поддржуваат овој круг на одржлив развој, каде што секој сегмент од економијата придонесува за напредокот на другите. „Бучим-Боров Дол“ е одличен пример за примена на ЕСГ принципите, особено во вложувањето во едукацијата на своите вработени. Преку успешно комбинирање на традиционалното и современото, компанијата покажува како одговорното работење и одржливоста можат да станат дел од корпоративната култура.“
Жана Базби, психлог – бизнис консултант од Лондон се осврна на недостатокот од социјалниот аспект на ESGпринципите:
„Имплементацијата на ESG принципите е паметен потег за секоја компанија, градејќи позитивен имиџ, зголемена лојалност и задоволство кај вработените и потрошувачите. Новите генерации се сè повеќе заинтересирани за соработка со компании што применуваат еколошки принципи – 50% од потрошувачите преферираат одржливи производи, а 10% покажуваат поголема лојалност кон таквите брендови.Транспарентноста, етичкото работење и интегритетот се клучни за зголемување на задоволството кај вработените, лојалноста кај потрошувачите и довербата на инвеститорите. Дури 77% од глобалните инвеститори преферираат компании што имплементираат ESGстандарди. Во Македонија, социјалниот аспект на ESG е сè уште во ембрионална фаза, за разлика од Велика Британија каде фокусот е на благосостојбата на вработените. Недостатокот на долгорочна стратегија и фрагментираниот пристап се предизвици, заедно со ограничените финансиски и човечки ресурси. Дополнително, менталното здравје кај вработените е значително занемарено. ESG не е само тренд, туку неопходност за идниот успех на бизнисите. Препорачливо е да се започне со едукација за правилна примена на овие стандарди, следејќи позитивни примери како оние од Велика Британија, а акцентот да биде на човечкиот фактор.“