Информации за претстојниот смартфон Google Pixel 9a „протекуваат“ веќе некое време, а сега се откриени сите негови спецификации, потврдени од два извора.
Според достапните податоци, Pixel 9a ќе го напојува процесорот Tensor G4, исто како и останатите модели од семејството Pixel 9. Овој смартфон од средната класа ќе има 8 GB LPDDR5X RAM меморија и 128 или 256 GB UFS 3.1 внатрешна меморија.
Ќе користи 6,285-инчен екран со резолуција од 1.080×2.424 пиксели, стапка на освежување од 120 Hz, максимална осветленост од 2.700 нити, 1.800 нити HDR осветленост и стапка на семплирање од 240 Hz. Екранот ќе биде заштитен со стакло Gorilla Glass 3.
На задната страна ќе се наоѓа главната камера од 48 MP (f/1.7) со сензор Samsung ISOCELL GN8 и ултраширока камера од 13 MP (f/2.2) со сензор Sony IMX712. Истиот сензор ќе биде поставен на предната страна како селфи камера.
Уредот ќе биде напојуван од батерија со капацитет од 5.100 mAh, со поддршка за жично полнење од 23W и безжично полнење од 7,5W. Pixel 9a ќе биде отпорен на вода и прашина според стандардот IP68, со димензии 154,7×73,3×8,9 мм и тежина од 185,9 грама. Според овие бројки, уредот ќе биде малку повисок и поширок од својот претходник, но и потежок. Неговата батерија ќе биде поголема за 13%.
Уредот ќе се продава во боите Obsidian, Porcelain, Iris и Peony, при што моделот со 128 GB внатрешна меморија ќе чини 499 долари. Ќе биде испорачуван со оперативниот систем Android 15, со обезбедени седумгодишни надградби за ОС и безбедност.
Официјалното претставување на смартфонот Google Pixel 9a се очекува во март.