Microsoft започна со тестирање на одредени подобрувања на апликацијата Phone Link за корисниците на iPhone.
Windows Insider корисниците сега можат да го испробаат новиот начин на споделување на фајлови од iPhone на PC и обратно, што го прави искуството слично на споделувањето фајлови со уред кој користи Android оперативен систем.
Windows Insider корисниците можат да ја преземат најновата надградба за апликацијата Phone Link, верзија 1.24112.89.0 или понова, која ќе вклучува нов дијалог за поставки што овозможува споделување на фајлови меѓу iPhone и PC. Споделувањето функционира со користење на iOS “share sheet” за испраќање фајлови на апликацијата Link to Windows, која потоа му овозможува на корисникот да избере Windows уред и да го сподели фајлот со него.
На Windows PC, исто така, е можно да се споделуваат локални фајлови со десен клик на фајлот и избор на опцијата „share“, а потоа „my phone“ за да се изврши трансфер од PC на iPhone.
Microsoft во последниве години постојано ја подобрува својата апликација Phone Link за iOS и Android, но верзијата за iOS сè уште е доста ограничена поради рестрикциите на Apple оперативниот систем. Минатата година Microsoft успеа да ја надгради Phone Link со можност за испраќање и примање пораки преку iMessage, но дури и оваа интеграција е ограничена и поддржува само испраќање и примање пораки со еден контакт, но не и со групи.
Исто така, апликацијата Phone Link не може да се користи за „пресликување“ на телефонските апликации на PC, како што е можно со Android. Дополнително, апликацијата мора да биде отворена за да се испраќаат пораки преку iMessage, бидејќи Microsoft користи алтернативно решение преку Bluetooth и системски нотификации за читање и испраќање пораки.
Најновата надградба за споделување фајлови е достапна за Windows Insider корисниците и се очекува да почне да пристигнува кај сите корисници на Phone Link во следните месеци.