Нов вид на литиум-јонска батерија со електрода од еден кристал може да издржи повеќе од 20.000 циклуси на полнење и празнење пред да достигне граница на капацитет од 80 проценти, открија истражувачите од канадскиот Универзитет Далхаузи, кои ја тестирале батеријата континуирано цели шест години и нејзините перформанси ги проучувале со помош на ултра светол синхротрон.
Електродата на обична батерија се состои од честички кои се околу 50 пати потенки од човечката коса. Овие честички се составени од многу помали кристали и се држат заедно како снегулки во грутка снег. Од друга страна, монокристалната електрода е како голем леден блок, поотпорна на стрес и напрегање.
Во обична батерија, литиумот ги тера атомите на електродниот материјал да се шират и собираат, што доведува до микроскопски пукнатини. Сепак, батеријата со кристална електрода не покажала такви знаци на оштетување. Уште повеќе, истражувачите не можеле да ја разликуваат новата батерија од онаа стара шест години.