Американската вселенска агенција соопшти дека со помош на вселенскиот телескоп James Webb успеала да сними дискови кои формираат планети околу стари ѕвезди, а овие снимки би можеле да ги предизвикаат теоретските модели за тоа како се формираат планетите. Новите снимки ги поддржуваат претходните контроверзни откритија на телескопот Hubble, кои досега не можеа да бидат потврдени.
Новите детални снимки се направени од Малиот Магеланов Облак, соседна џуџеста галаксија на нашиот Млечен Пат. Телескопот Webb бил посебно фокусиран на јатото наречено NGC 346, за кое во НАСА велат дека е добар показател за „слични услови во раната, далечна вселена,“ и на кое му недостасуваат потешки елементи што традиционално се поврзуваат со формирањето на планети. Webb успеал да сними спектри на светлина кои сугерираат дека протопланетарните дискови сè уште постојат околу тие ѕвезди. Ова е спротивно на претходните верувања дека тие исчезнуваат за неколку милиони години.
„Опсервациите на Hubble на јатото NGC 346 од средината на 2000-тите открија многу ѕвезди стари меѓу 20 и 30 милиони години, за кои изгледа дека сè уште имаат дискови кои формираат планети,“ наведува НАСА. Без подетални докази, оваа идеја беше контроверзна. Сепак, телескопот James Webb ги пополни тие детали, сугерирајќи дека дисковите во нашите соседни галаксии имаат многу подолг временски период за собирање прашина и гас, кои се основа за формирање нови планети.
Теории за опстанокот на дисковите
Говорејќи за тоа зошто овие дискови можат да опстанат, од NASA велат дека научниците имаат две можни теории. Едната вели дека „радијацискиот притисок“ што го испуштаат ѕвездите во јатото NGC 346 едноставно има потреба од повеќе време за да ги распрсне дисковите што формираат планети. Втората теорија сугерира дека поголемиот облак гас, кој е неопходен за формирање „Ѕвезда слична на Сонцето“ во средина со помалку тешки елементи, природно создава поголеми дискови, на кои им е потребно повеќе време да исчезнат.
Без разлика која теорија ќе се покаже точна, новите снимки се прекрасен доказ дека сè уште не го разбираме целосно процесот на формирање на планетите.