Со Galaxy S25, S25+ и S25 Ultra, Samsung на претстојниот Galaxy Unpacked настан ќе претстави и четврти паметен телефон, за кој се верува дека е тенкиот Galaxy S25 Slim.
Веќе некое време е познато дека Samsung во јануари ќе го одржи својот традиционален настан Galaxy Unpacked и ќе ја претстави новата серија на врвни мобилни телефони Galaxy S25. Иако првично се зборуваше дека настанот ќе се одржи порано од вообичаено, па дури и на почетокот на месецот, изгледа дека тоа сепак нема да биде случај.
Имено, според објавата на технолошкиот аналитичар Еван Блас на мрежата X, Samsung Galaxy Unpacked настанот ќе се одржи на 22 јануари 2025 година. Блас објави рекламна фотографија од италијанскиот огранок на Samsung, на која се прикажани дури четири смартфони. Се верува дека тоа се Galaxy S25, Galaxy S25+, Galaxy S25 Ultra и најтенкиот Galaxy S25 Slim.
Galaxy Unpacked треба да се одржи во Сан Хозе во 19 часот по македонско време, а се очекува на настанот да биде претставен и Project Moohan, уред за мешана реалност (MR) базиран на новата Google Android XR платформа.