ОnePlus потврди дека на 7 јануари ќе одржи настан на кој ќе го претстави својот нов флегшип смартфон OnePlus 13. Заедно со него, најверојатно ќе биде прикажан и подостапниот модел OnePlus 13R.
OnePlus на почетокот на декември откри дека следниот месец глобално ќе го претстави OnePlus 13, а овој вторник го потврди и точниот датум и времето на настанот – 7 јануари 2025 година во 16:30 часот според нашето време.
Освен точниот датум и време, потврдено е дека OnePlus настанот го нарекува „зимско лансирање на серијата OnePlus 13“. Поради зборот „серија“, практично е потврдено дека тогаш ќе биде претставен и OnePlus 13R, телефон од повисока средна класа, кој ќе биде поевтин во споредба со обичниот OnePlus 13.
OnePlus 13 беше претставен во Кина уште на крајот на октомври. Тој доаѓа со 6,82-инчен LTPO AMOLED екран со резолуција од 1.440 x 3.168 пиксели, стапка на освежување од 120 Hz и максимална осветленост од 4.500 нити, Snapdragon 8 Elite SoC, до 24 GB RAM меморија и 1 TB внатрешна меморија. На задната страна има систем од три камери со сензори од 50 мегапиксели, предна камера од 32 мегапиксели, а сето тоа е напојувано од батерија со капацитет од 6.000 mAh која поддржува 100-ватно жично и 50-ватно безжично полнење.
Што се однесува до OnePlus 13R, се очекува да дојде со 6,78-инчен LTPO OLED екран со резолуција од 1,5K и стапка на освежување од 120 Hz, постар Snapdragon 8 Gen 3 SoC, до 16 GB RAM меморија и 1 TB внатрешна меморија. Системот на камери ќе биде нешто послаб во споредба со OnePlus 13, но затоа ќе има поголема батерија со капацитет од 6.415 mAh и поддршка за 80-ватно жично полнење.