Проѕирниот безжичен OLED телевизор на LG отсега е достапен во продажба.
Станува збор за 77-инчен OLED T уред со 4K резолуција, кој содржи LG технологија за безжичен пренос на видео и звук, како и можност за избор помеѓу проѕирен и непроѕирен режим на работа со едноставно притискање на копче. Во тој процес доаѓа до зголемување или намалување на контрастот. Оваа футуристичка технологија, која првпат беше претставена на CES оваа година, доаѓа со „сериозна“ цена, бидејќи за ТВ-уредот е потребно да се издвојат 60.000 долари.
ТВ-уредот има една интересна функција, бидејќи може да изгледа како аквариум кога ќе се спушти во „кутија“. Има заднинско осветлување за да се истакне неговиот проѕирен изглед.
Уредот има и T-Bar во долниот дел, кој може да се користи за проверка на спортски резултати, временска прогноза, имиња на песни и слично. Овој T-Bar може да остане активен дури и кога остатокот од ТВ-уредот е исклучен.
OLED T го користи процесорот Alpha 11 A1 на LG, кој е четири пати помоќен од процесорот на претходната генерација. Графичките перформанси се подобрени за 70 проценти, додека брзината на обработка е зголемена за 30 проценти. ТВ-уредот го задржа „чистиот“ профил со својот Zero Connect Box, кој безжично пренесува видео и звук на ТВ-уредот. Доволно е да ги поврзете вашите стриминг уреди и гејмерски конзоли на него наместо директно на ТВ-уредот.