Компанијата Meta оваа година го најави Movie Gen, AI алатка за уредување видеа која нуди импресивно реалистични резултати, барем според примерите што беа презентирани. Во тоа време, тоа беше истражувачки проект без прецизни планови за достапност до корисниците, но сега тоа се промени.
Movie Gen пристигнува на Instagram побрзо отколку што се очекуваше. Првиот човек на оваа социјална мрежа, Адам Мосери, објави кратко видео кое ги најавува AI алатките и изрази надеж дека ќе бидат достапни следната година.
Во видеото, Мосери изјави дека Meta работи на возбудливи AI алатки наменети за креаторите на видео содржини.
„Ќе можете да направите сè што сакате со вашите снимки – да ја промените облеката, околината во која седите, да додадете ланец или што и да помислите“, рече тој.
Мосери демонстрираше промена на облеката, а секоја транзиција изгледаше прилично „мазно“ без видливи AI артефакти. Се разбира, тоа можеби нема да биде случај кога Movie Gen ќе стане достапен за поширока употреба, кога снимките нема да бидат целосно под контрола на Meta. Сепак, ако функционира како на тизерот, тоа би можело да отвори интересни можности за креаторите на Instagram.
Веројатно не е случајност што Мета ги најавува овие функции само неколку дена откако компанијата OpenAI објави модел за генерирање видеа за своите претплатници. Од Мета велат дека сакаат нивниот AI асистент да биде „најкористен во светот“ и тврдат дека Meta AI има речиси 600 милиони месечни корисници.
За жал, Мосери не откри прецизен датум за пристигнување на Movie Gen функциите на Instagram, освен дека тоа ќе се случи во 2025 година. Сепак, најави повеќе информации во блиска иднина.