Космички тунел го поврзува Сончевиот систем со оддалечени соѕвездија
Новите истражувања покажуваат дека нашиот Сончев систем можеби не е изолиран како што долго време се мислело. Астрономите од Институтот Макс Планк откриле еден вид тунел, односно канал од жешка, нискогустинска плазма кој се протега од нашиот Сончев систем кон оддалечени соѕвездија, поврзувајќи го со ѕвездени региони како Кентаур и Големото Куче.
Нашиот Сончев систем се наоѓа во регион познат како Локален Жежок Меур (Local Hot Bubble), област широка околу 300 светлосни години, формирана по експлозиите на супернови. Овие експлозии го загреале околниот гас, создавајќи ретка, но исклучително жешка средина. Сепак, новите набљудувања со Х-зрачен телескоп eRosita откриваат посложени структури, вклучувајќи тунели во рамките на овој меур.
Истражувачите откриле премин или „тунел“ кој води кон соѕвездието Кентаур. Друг сличен премин изгледа дека води кон регионот Големото Куче. Овие канали можеби се дел од поширока мрежа на космички „патеки“, кои поврзуваат региони за формирање на ѕвезди и џебови на жежок гас. На тродимензионалната карта на меурот, овие тунели се истакнуваат како динамични премини, можеби обликувани од ѕвездени ветрови и последиците од супернови.
Ново разбирање за нашето место во вселената
Децении наназад, астрономите шпекулираа за можноста за поврзани шуплини во меѓуѕвездениот простор. Ова истражување нуди први конкретни докази дека вакви структури навистина постојат. Суперновите создадоа структура слична на „крпеница“ во меѓуѕвездениот материјал, додека сложената интеракција на плазмата, прашината и зрачењето му дава на просторот богатство кое го надминува концептот на празнина.
Овие канали не се само фасцинантни, туку можат да влијаат на локалните космички зраци, движењето на прашината и динамиката на ѕвездените ветрови. Подобри инструменти и напредни модели ќе им помогнат на научниците подлабоко да ги истражат овие структури и нивното влијание врз нашиот космички соседство.
Откритието на овие тунели го менува начинот на кој го разбираме просторот околу нас. Нашиот Сончев систем е само дел од сложен систем на премини и џебови, обликувани од настани стари милиони години. Ова откритие отвора врата за нови прашања и нуди можност да ја редефинираме нашата позиција во вселената, пишува Earth.