Realme почнува да нè подготвува за официјалната премиера на серијата 14 Pro, која веројатно ќе се одржи во јануари, но во меѓувреме компанијата почна да споделува детали за двата модела. Веќе е познато дека Realme 14 Pro+ ќе има тројна основна камера, додека 14 Pro ќе биде со двојна.
Дополнително, се знае дека уредите ќе бидат водоотпорни со IP68/69 рејтинг и ќе имаат заден панел со специјален слој, чија боја се менува на ниска температура. Во овој случај, панелот од бел станува син при температури под 16 степени. Овој слој е креиран во соработка со Valeur Designers и ќе има различни бисерни шари за секој уред.
Realme 14 Pro+ ќе има четиристрано закривен дисплеј, кој покрива 93,8% од предниот панел, а рамките се со дебелина од 1,6 mm. Се очекува да користи чипсет Snapdragon 7s Gen 3 и да понуди интерфејс Realme UI 6.0. Телефото камерата ќе биде со перископска конструкција. Дополнително, ќе има тројна LED-система, која ќе помага за добивање поприродни портрети во темни услови.