Според гласините, на претстојниот Unpacked настан, покрај моделите Galaxy S25, S25+ и S25 Ultra, ќе биде претставен и нов член на семејството: Galaxy S25 Slim.
Протечената покана за следниот Unpacked настан на компанијата Samsung, планиран за крајот на јануари, открива интригантен детал – четири уреди наместо вообичаените три. Според гласините, покрај моделите Galaxy S25, S25+ и S25 Ultra, ќе биде претставен и нов член на семејството: Galaxy S25 Slim.
Овој модел се чини како одговор на Samsung на iPhone 17 Air на Apple, кој треба да биде лансиран во септември следната година. И додека гласините за Galaxy S25 Slim веќе предизвикаа внимание, едно од клучните прашања е колку навистина ќе биде тенок овој уред.
Според познатиот кинески инсајдер Ice Universe, се очекува дебелината на Galaxy S25 Slim да биде нешто повеќе од 6 мм, што значи дека дефинитивно ќе биде под 7 мм. Иако точната бројка сè уште не е позната, овие информации укажуваат на исклучително тенок дизајн.
iPhone 17 Air ќе биде потенок, но по која цена?
Ако гласините се точни, Apple iPhone 17 Air би можел да биде уште потенок, помеѓу 5 мм и 6 мм, што би го направило најтенкиот паметен телефон на пазарот. Меѓутоа, за да постигне ваков мал профил, Apple наводно планира значителни компромиси, како поставување само една задна камера, што би го доближило телефонот до моделите од iPhone SE серијата.
Иако Galaxy S25 Slim најверојатно ќе биде претставен на Unpacked настанот во јануари, гласините укажуваат дека ќе биде достапен на пазарот дури подоцна во годината, пишува GSM Arena.
Со овој потег, Samsung има за цел да ги привлече љубителите на ултра-тенки уреди, додека истовремено одговара на предизвикот од Apple. Дали тенкиот дизајн ќе донесе револуционерни промени или ќе предизвика скептични реакции поради потенцијалните компромиси, останува да видиме.