Hisense 65U8NQ има долгa листа на квалитети, како што се извонредната осветленост на екранот, голем број зони локално затемнување и последично, висок контраст. Тука е и стапката на освежување на екранот од 144 Hz, како и богатата HDR поддршка, која вклучува Dolby Vision.
Hisense е глобален технолошки гигант кој со години ја зацврстува својата позиција на светскиот пазар на електроника. Основана во 1969 година, компанијата е водечки производител на иновативни решенија во доменот на потрошувачката електроника, домаќински апарати и паметни уреди. Со седиште во Кина и глобално присуство во преку 160 земји, Hisense е препознатлив по своите врвни телевизори, климатизери и паметни технологии.
Како бренд, Hisense се фокусира на иновации, квалитет и пристапност, со силен акцент на напредните технологии како ULED, квантни точки и вештачка интелигенција. Телевизорите на компанијата нудат одлична комбинација на врвен квалитет на слика, интелигентни функционалности и модерен дизајн, што ги прави идеален избор за корисниците кои бараат одлично аудиовизуелно искуство по конкурентни цени.
Hisense работи глобално со силна инфраструктура, вклучувајќи 34 индустриски паркови и 26 центри за истражување и развој ширум светот. Компанијата е на второ место во светот според глобалната испорака на телевизори, додека сегментот на телевизори со дијагонала од 100 инчи го држи првото место, со 56% удел на глобалниот пазар на почетокот на 2024 година. Hisense исто така оствари над 12,2 милијарди долари годишни приходи од меѓународните пазари во 2024 година, што ја одразува неговата зголемена пазарна присутност и технолошко лидерство.
Во оваа рецензија, ќе го разгледаме најновиот Mini LED телевизор на Hisense, оценувајќи ги неговите перформанси, дизајн, карактеристики и вредност за вложените пари.
Hisense 65U8NQ Mini LED TV
Во последните неколку години, квалитетот на сликата што купувачите го добиваат кај телевизорите од сите ценовни класи забележително е подобрен. На пример, во најниската класа, наместо телевизори со лош приказ, сега се добиваат сосема пристојни модели, додека во категоријата на пристапни телевизори се применуваат многу технологии кои значително го подобруваат уживањето во содржините.
Интересно е што можеби најмал напредок е забележан во премиум класата, која и онака е најимпресивна и носи најнови и најдобри технологии, но е постојано на границата на она што е возможно да се постигне. Напредокот на OLED и Mini LED технологиите сега се одвива доста бавно, и тој тренд ќе продолжи сè додека Micro LED не стане комерцијално достапен и не се воведе во моделите за „широките маси“.
Во ваквата констелација на пазарот, најголема корист имаат купувачите на моделите од повисоката средна класа, кои според технологиите, можностите, па дури и квалитетот на сликата, се доближуваат многу блиску до премиум телевизорите, толку што за повеќето корисници нема смиссла да плаќаат значително повеќе. Не дека разликата не постои, но таа е сè помала и реално прашање е дали е оправдана за толку голема разлика во цената.
Серијата телевизори U8 на Hisense веќе неколку генерации се смета за еден од најисплатливите модели на пазарот, со оглед на тоа што за релативно ниска цена нуди одлични перформанси. Оваа филозофија кинескиот производител дополнително ја зацврсти со годинашниот модел U8NQ, кој им конкурира на OLED моделите, при што има пониска цена и навистина богата опрема. Поточно, станува збор за моделот 65U8NQ, односно 65-инчна верзија која можеби е и оптималната големина за оние кои сакаат целосно да го доживеат сето она што го нуди овој модел.
А тој нуди многу, со примамливи карактеристики како Mini LED осветлување со 1600 зони и 3000 нита, освежување од 144Hz и слично.
Инсталација и дизајн
Како и кај другите големи телевизори, тешко ќе можете сами да го поставите уредот на сталак (има маса, заедно со постолето, од 30,7 кг). Самата инсталација не е претерано комплицирана, но сме виделе и поедноставни системи. Овој модел има метална база, на која се поставува закосен наставок за спој со телевизорот. Екранот може да се постави на две висини. При пониско поставување, базата е скоро споена со телевизорот, додека повисокото поставување се избира ако сакате да поставите soundbar. Покрај металниот сталак, Hisense користи метал и за многу тенкиот раб околу панелот. Самото куќиште е пластично, а интерфејсите се групирани на десната задната страна, освен USB-C и Ethernet портот, кои „гледаат“ директно назад.
Дизајнот е модерен, но дискретен. Ништо не привлекува внимание на прв поглед, но ако малку се посветите на деталите, ќе забележите некои интересни елементи, што според нашето мислење добар баланс помеѓу естетиката и одвлекувањето на вниманието од содржината.
Околу панелот од горната и бочните страни се наоѓа релативно тенка рамка која е изработена од пластика, со темно сива боја со текстура на обработен метал која изгледа многу добро. Покрај неа, околу делот од панелот што го прикажува сликата, има уште околу 5 мм дополнителна маргина, што е релативно стандардно за модерните модели со оваа дијагонала.
По должината на долниот раб се наоѓа тенка лајсна, исто така со текстура на обработен метал и логото на Hisense на левата страна. Под неа, се наоѓа системот на сензори, микрофон за гласовна контрола и индикаторските диоди во центарот. На левата и десната страна од неа, во целата должина до работ на телевизорот, се отворите за звучниците ориентирани напред, а кои се скриени зад метална мрежа и од долната страна зарабени со металик полирана линија. Следејќи ја темата на мрежата, носачот на сталакот што се гледа помеѓу основата и долниот дел од екранот е дизајниран со мрежести отвори, што создава визуелно интересен ефект, особено ако имате некое позадинско амбиентално светло.
Бочниот профил на телевизорот е релативно компактен за еден Mini LED, како делот што го зазема самиот панел, така и делот што ги крие електрониката и звучниците, а кој е благо втурнат и практично интегриран во целокупниот облик, што му дава прилично уреден изглед на задната страна. Околу него, по должината на надворешниот раб на телевизорот, на задната и бочните страни се наоѓа метална рамка кој му ја дава на панелот потребната цврстина, а преку кој се наоѓа споменатата лајсна.
Поголемиот дел од задната страна е со текстура на хоризонтални ленти, но во горниот дел, целата ширина ја зазема друг дел од звучниот систем, кој се состои од два звучника на бочните страни и двоен сабвуфер во средината.
Приклучоци и гејминг можности
На долниот дел од задната страна се наоѓаат две секции со конектори какви што сме веќе навикнати да гледаме на моделите на Hisense. Во помалата секција одзади, има LAN порт, оптички аудио излез и еден USB порт за поврзување флеш-дискови.Во поголемата секција, која е достапна од страната за полесен пристап, може да се најде 3.5mm конектор за слушалки, исто така 3.5mm композитен аудио/видео влез преку адаптер, антена и сателитски конектори, сервисен порт, USB со напојување од 1A за надворешни дискови, CI+ слот и четири HDMI конектори.
Спецификациите наведуваат дека сите четири HDMI конектори се верзија 2.1, но ова е техничка формалност за која веќе зборувавме, бидејќи сега сите портови се сертифицираат како HDMI 2.1. Реалноста е дека првите два конектора поддржуваат само 4K на 60Hz, додека HDMI 3 и 4 се вистински HDMI 2.1, со поддршка за 4K со освежување од 144Hz, променливо освежување, автоматски режим на ниска латенција (ALLM) и eARC кај HDMI 3.
Значи, ако внимавате каде го поврзувате вашиот компјутер или конзола, ќе можете да уживате во одлични гејминг можности. Ова вклучува и официјална поддршка за AMD Freesync Premium, неофицијална поддршка за G-Sync, вистински HDR гејминг и пристоен input lag од 13ms во 1080p на 60Hz – додека во полна резолуција и освежување (кое, за жал, нашиот инструмент не го мери) латенцијата е уште пониска.
Кога ќе го активирате гејминг режимот (или тој автоматски се активира преку ALLM), наместо стандардното брзо мени, ќе добиете пристап до посебно дизајнирано гејминг мени. Тоа нуди преглед на моментно активните параметри како освежување, HDR и слично, можност за активирање на приказ на нишан во средината на екранот или зумирање на мини-мапата во игрите.
Тука е и опцијата за приказ на слика во формат 16:9 на целиот екран, 21:9 или 32:9 на дел од екранот, ако сакате да ги играте омилените игри во ултраширок формат. Гејминг режимот нуди и посебни модови за приказ, оптимизирани за различни жанрови на игри, па дури и специфично за игрите Black Myth: Wukong и Fortnite.
Слична е ситуацијата и со поврзувањето на компјутерот и покренувањето на играта Baldur’s Gate 3, каде што телевизорот автоматски се префрла во режим Game. Во случај на поврзување на конзола, на располагање е и Game Bar, со брз пристап до поставките на сликата. Инаку, овој телевизор поддржува VRR и ALLM, така што ќе можете да добиете 4K/120 Hz слика од конзолите од новата генерација. Во исто време, PC играчите можат да добијат 144 фрејма во секунда, при што е поддржан AMD FreeSync Premium.
Квалитет на сликата
Кога зборуваме за приказот, онаму каде што серијата U8 традиционално нуди најмногу е во однос на квалитетот на сликата. Новиот Hisense 65 U8NQ не е исклучок од ова, pa дури можеме да кажеме дека рецептот кој досега ја одликуваше серијата U8 е дополнително усовршен. Најпрво, тука е VA панелот со исклучително висок статички контраст, споен со Mini LED систем на позадинско осветлување со локално затемнување од дури 1600 зони кај дијагонала од 65 инчи.
Тестовите покажаа речиси незабележлив ефект на blooming, што значи дека процесирањето, кое доби AI предзнак, својот работен процес го извршува многу добро. Благодарение на Mini-LED позадинското осветлување, драстично е подобрено прикажувањето на црната боја, која иако не е на ниво на OLED, каде што секој поединечен пиксел може да се исклучи, е многу конкурентна. Во исто време, зголемен е и контрастот, а високата светлина е еден од столбовите на овој модел. Светлината на сликата во содржините со стандардна дефиниција достигнува до 700 cd/m², а кај HDR режимот надминува 3.000 cd/m². Максималната осветленост е декларирана на импресивни 3000 нита, но Hisense U8NQ всушност постигнува и повеќе – аксимум од 3349,7 нита кај HDR содржините. Ова го прави U8NQ вкупно посветол од актуелните OLED модели од високата класа, што заедно со одличните перформанси на локалното затемнување, му дава предности во приказот.
Дополнителна предност на одличната Mini LED имплементација е и одличната униформност, при што единствена слабост е аголот на гледање, кој е типичен за VA панелите. Тоа подразбира мал губиток на осветленост и контраст кога ТВ се гледа од агол поголем од 45 степени. Отпорноста на рефлексии е коректна, иако не е на нивото на високата класа или Samsung мат OLED моделите.
Како и сите модели од U серијата во последните години, 65U8NQ е опремен со Quantum Dot филтерски слој, кој во комбинација со високиот контраст обезбедува извонреден впечаток во приказот на бои. Во повеќето режими, боите изгледаат многу живописно и заситено. Сепак, Hisense во Cinema, IMAX и Filmmaker режимите, малку ги „смекнува“ боите за пореалистичен приказ, поради што овие модови можеби изгледаат малку избледени во директна споредба.
Dynamic и Sport режимите очекувано имаат малку претерани бои, додека Standard и Energy Saving изгледаат привлечно без претерувања, што ги прави идеални како основа за понатамошно приспособување според сопствени вкус. Менијата нудат изобилство параметри за фино подесување. Што се однесува до покриеноста на боите, панелот со 10-битен приказ, постигнат преку FRC, успева да репродуцира одлични 96,2% од DCI-P3 спектарот.
Процесирање на сликата
Покрај напредниот хардвер, Hisense 65U8NQ доаѓа со прилично моќно процесирање на сликата, кое оваа година конечно е значително унапредено, толку што тоа станува видливо. Системот на процесори и алгоритми, што Hisense го нарекува Hi-View Engine PRO, претставува конкретен чекор напред, што го прави овој телевизор многу покомплетен уред. Она што ни падна в очи е процесирањето на движењата, односно MEMC, кој е значително унапреден во однос на претходно виденото. Имплементацијата вклучува два параметра – намалување на треперењето и замаглувањето, со многу корисни режими, каде секој донесува предност за одреден тип содржина.
Друга разлика е подобреното AI процесирање, односно Intelligent Mode, како што го нарекува Hisense. Неговата активација кај претходните генерации не донесуваше значајна разлика, но кај Hisense U8NQ е поизразена, особено во поглед на подобрување на деталите, контрастот и боите во одредени делови од сцената. Тоа е суптилно, како што и треба да биде, но го прави сето тоа да изгледа барем малку поостро, појасно и попривлечно.
Дополнителна голема разлика прави и опцијата за динамички tone-mapping, која во секоја сцена го користи целиот опсег на осветлување, што често изгледа подобро, дури и ако не е целосно реално. Што се однесува до tone-mapping, поддржани се и HDR 10 Plus Adaptive и Dolby Vision IQ, кои преку динамичко мапирање на сликата, со помош на сензорите за осветлување, ја земаат предвид и амбиенталната светлина во просторијата.
На располагање се и Super Resolution, AI-базирано подобрување на резолуцијата, подобрување на приказот на градиенти на бои, подесување на нивото на локално затемнување, како и детални опции за сите параметри на сликата. Вкупно, извонредни перформанси во однос на приказот, кои никогаш не биле поблиску до премиум класата.
Звук
Што се однесува до звукот, иако не можеме да кажеме дека е на исто толку високо ниво како сликата, дефинитивно е со одличен квалитет, јасен, убедлив и со добар фреквентен баланс. Со други зборови, повеќе од доволно добар за да го надополни доживувањето, така што повеќето корисници немаат потреба од дополнителен soundbar.
Станува збор за 2.1.2 систем со 20W во сабвуферот и по 2×15W и 2×5W звучници, позиционирани одзади на врвот од страните на ТВ-уредот и под предниот раб на панелот. Ваквиот распоред, кој практично ги покрива сите страни на ТВ-уредот, значително придонесува за подобра звучна слика, со помош на Dolby Atmos процесирањетo.
Предната проекција на звукот позитивно влијае на деталите и јасноста, а ниските фреквенции достигнуваат до околу употребливи 40Hz, што му дава доволно длабочина на звукот, како за музика, така и за филмови и серии. Новото искривување на ниските фреквенции не е баш идеално, што е главна причина зошто споменавме дека не е на врвно ниво – сè друго е изненадувачки добро за оваа класа.
Hisense 65U8NQ поддржува и DTS Virtual X декодирање, шест претходно дефинирани режими на звук за различни содржини, седмобенден еквилајзер, автоматска контрола на гласноста, како и компензација на одговорот во случај на монтажа на ѕид.
Смарт можности
Што се однесува до паметните можности, Hisense U8NQ работи на платформата Vidaa U во верзија 7.6, која е веќе доста доработена во однос на корисничкото искуство, како и функциите и опциите што ги нуди. Интерфејсот е убаво дизајниран, јасен и едноставен за користење и со право може да се каже дека е на ниво на најдобрите решенија во ТВ секторот.
Иницијалното поставување на телевизорот се одвива многу брзо, а по поврзувањето на мрежата можете да креирате VIDAA сметка и за неколку минути да бидете во многу одговорното мени. Телевизорот доаѓа со VIDAA паметен интерфејс, кој го пофалуваме поради присуството на некои домашни апликации, како што се A1 Xplore TV или EON, што им овозможува на корисниците на овие OTT услуги да ги користат без дополнителен дигитален приемник. И разни популарни стриминг апликации, како што се Netflix, Max, Disney+ и YouTube, исто така, се достапни, како и оние за музика, како што е Deezer. Интерфејсот на прв поглед делува слично како кај конкурентите, но подлабокото испитување покажува дека платформата располага со помал број на апликации, што е видливо, на пример, во сегментот игри.
На главниот екран, долж левата страна на екранот, се наоѓаат икони за пристап до Vidaa профилот, пребарување, известувања, избор на влезови и подесувања. На врвот од екранот се прикажува банер кој ги насочува новите корисници кон корисни функции како што се гласовна контрола, мобилна апликација, продавница за апликации и Vidaa Art, а понекогаш и реклами.
Под банерот има линија со сите инсталирани апликации, а движењето низ нив прикажува препораки за содржини за гледање од селектираната апликација. Долното скролање на главниот екран прикажува препораки за содржини од различни видео сервиси.
Добра вест е што од неодамна на листата на поддржани сервиси на Vidaa платформата се приклучи и Max, па сега се достапни практично сите релевантни сервиси, како и апликации од спортски организации како NBA, FIFA и UEFA, Plex поддршка и апликации на локалните ТВ провајдери, што значи дека нема да недостига содржина.
Покрај видео и музички сервиси, достапни се и разни информативни апликации, содржини за деца, основни игри, како и Boosteroid и Blacknut cloud gaming сервисите, кои овозможуваат играње на PC игри без потреба од компјутер. Сѐ што е потребно е да поврзете gamepad и да платите претплата. Кога ТВ-уредот не се користи, може да се активира Vidaa Art апликацијата, со која телевизорот може да прикажува уметнички дела, особено кога е монтиран на ѕид.
Контролата на телевизорот е возможна преку мобилната апликација, гласовна контрола за одредени функции и пребарување содржини, како и со далечински управувач, кој е целосно редизајниран во овој модел во споредба со претходните Hisense телевизори.
Далечинскиот управувач сега има издолжен облик со заоблени рабови и голем соларен сензор за полнење на долниот дел, што значи дека нема потреба од замена на батерии – се полни самостојно или преку USB-C портот на дното, но кабелот не е приложен во пакувањето. Освен кабелот за напојување, Hisense не нуди ни дополнителна опрема, па во пакувањето нема ниту HDMI кабел. Дизајнот на далечинскиот управувач, освен изоставувањето на класичните батерии, спојува модерно и класично, така што од едната страна имаме модерни линии и позадинско осветлување, а од другата, задржани копчиња со броеви. Централното место при врвот зафаќаат кратенките за стриминг сервиси.
Заклучок
Комбинацијата на релативно достапна цена и богат сет функции е клучот за популарноста на Hisense телевизорот U8NQ. Mini-LED позадинското осветлување со бројни зони локално затемнување овозможува подобар контраст, прикажување на подлабока црна боја и висока светлина. Технологијата Quantum Dot дополнително го подобрува прикажувањето на боите. Телевизорот се истакнува и со одлична поддршка за гејминг, благодарение на HDMI 2.1 интерфејсите, 144 Hz освежување и адаптивна синхронизација. Дури и 2.1.2-каналното озвучување, со вграден субвуфер, нуди квалитет на звук над стандардното ниво за телевизори.
Што се однесува до цената, таа на домашниот пазар за 65-инчната дијагонала изнесува 74.999 дeнари. Во конкуренција со новите модели, ова е сосема коректно, иако минатогодишните или постарите телевизори може да се најдат по пониска цена.
Комбинацијата на релативно достапна цена и богат сет функции е клучот за популарноста на Hisense телевизорот 65U8NQ. Mini-LED позадинското осветлување со бројни зони локално затемнување овозможува подобар контраст, прикажување на подлабока црна боја и висока светлина. Технологијата Quantum Dot дополнително го подобрува прикажувањето на боите. Телевизорот се истакнува и со одлична поддршка за гејминг, благодарение на HDMI 2.1 интерфејсите, 144 Hz освежување и адаптивна синхронизација. Дури и 2.1.2-каналното озвучување, со вграден субвуфер, нуди квалитет на звук над стандардното ниво за телевизори.