Корисниците кои не плаќаат претплата на WeTransfer со новата надградба ќе можат да префрлаат најмногу 10 фајлови со вкупна големина до 3 гигабајти месечно. Максималната големина на трансферите исто така е зголемена.
Многу популарната услуга за испраќање големи фајлови преку интернет, WeTransfer ја промени својата понуда и ажурираше одредени ограничувања за претплатни пакети, а промените ги засегаат и оние кои бесплатно ја користат услугата (кои, веруваме, се мнозинство).
Максимум десет трансфери
Новата политика за користење стапи во сила на 16-ти декември без многу најава, а според новите услови беше поставено ограничување на бројот на бесплатни прикачувања во текот на еден месец, со зголемен лимит на големината на поставените датотеки. Според новите правила, сите бесплатни корисници имаат можност да направат најмногу 10 трансфери месечно, со вкупна големина до 3 GB.
Покрај ова ново ограничување, WeTransfer воведе и неколку новитети за корисници кои не се претплатени. Најзначајно од нив е зголемувањето на лимитот за еден трансфер, кој сега може да биде „тежок“ и до 3 GB (наместо претходните два). Дополнително, бесплатните корисници сега имаат пристап до датотеките поставени таму за соработка и ревизија, сите трансфери може да се заштитат со лозинки во бесплатната верзија, а на оние кои продаваат датотеки преку услугата им е отстранета провизијата на платформата од 5%.
Нови пакети за претплата
Промените влијаеја и на опциите за претплата. Основната претплата за Starter чини 6,99 долари месечно и ви овозможува да испраќате фајлови до 300 GB, со исто ограничување како и бесплатната опција – дозволени се максимум 10 префрлања со вкупна големина од 300 GB во текот на 30 дена. Поскапата опција Ultimate чини 25 долари месечно и вклучува сè што претходно беше понудено од Pro и Premium пакетите, користење без никакви ограничувања.
Пресметката на месечните лимити ќе се врши за сите пакети на ротирачка основа, што значи дека бројачот нема да се ресетира за сите корисници на први секој месец. Наместо тоа, сите ограничувања важат за изминатите 30 дена и се пресметуваат за секој корисник/претплатник врз основа на нивната активност.
Постојните претплатници на старите пакети (кои чинат 15 и 25 долари соодветно) ќе бидат преместени во новата, најскапа опција, но ќе имаат можност да ја откажат претплатата или да се префрлат на новиот, поевтин „Starter“ пакет. Сите овие промени доаѓаат откако WeTransfer во јули оваа година го презеде Bending Spoons, која набрзо потоа отпушти 75 проценти од своите вработени.