Компанијата Meta одлучи да ја укине поддршката за апликацијата WhatsApp на старите уреди кои користат оперативен систем Android од Google.
Поточно, станува збор за уреди постари од десет години, кои сè уште користат оперативен систем Android KitKat. Уредите со оваа верзија на ОС или некоја постара верзија нема да имаат пристап до WhatsApp од 1 јануари 2025 година.
Причината за укинувањето на поддршката е тоа што WhatsApp постојано развива нови функции и можности. Meta има намера да имплементира понапредни функции и можности базирани на вештачка интелигенција кои бараат помодерен хардвер.
Меѓу уредите кои повеќе нема да го поддржуваат WhatsApp се Samsung Galaxy S3, Galaxy Note 2, Galaxy Ace 3, Galaxy S4 Mini, Motorola Moto G (прва генерација), Razr HD, Moto E 2014, HTC One C, One X+, Desire 500, Desire 601, LG Optimus G, Nexus 4, G2 Mini, L90, Sony Xperia Z, Xperia SP, Xperia T, Xperia V.
Тие што сè уште користат вакви уреди на кој било начин, треба да направат резервна копија од сите свои податоци од WhatsApp на понов уред. Во спротивно, целиот медиумски материјал и историјата на разговори на WhatsApp ќе бидат изгубени на 1 јануари 2025 година.
Meta најави слично нешто и за iPhone моделите пред неколку дена, при што ќе ја укине поддршката за уреди кои користат iOS постар од верзијата 15.1, но тоа нема да се случи пред мај 2025 година.