Уникатната боја, изработена од тенок, флексибилен фотоволтаичен материјал, може да се обвива околу заоблените и закривените делови на каросеријата на автомобилот, така што има поголема покриеност на фотосензитивната површина отколку конвенционалните стаклени панели.
Без разлика дали се работи за запрежна кола, автомобили напојувани од мотори со фосилни горива или електрични возила чии мотори се напојуваат од батерии, основната движечка сила на секој од нив секогаш доаѓа „однадвор“, односно од „извор“ на кој возилото е прикачено, гориво кое се тура во него или од кое се полни батеријата.
Како би изгледало ако возилото може само да се снабдува со енергија што го придвижува?
Одговорот на тоа прашање го бараше токму оној кому му се припишува идејата за создавање на првиот автомобил со мотор со внатрешно согорување, официјално регистриран како патент во далечната 1886 година – германската компанија Mercedes-Benz.
Познатиот производител на автомобили, кој во последните десет години лансираше целосно нова класа на електрични модели EQ, работи на нова револуционерна технологија наменета за оваа категорија возила, која наскоро би можела да стане реалност.
Иновативната соларна боја за електрични возила (EV), која експертите на компанијата ја развиваат во Штутгарт, треба да го претвори секој сантиметар од `телото` на електричниот автомобил во вистински „жетвар“ на енергија, без разлика дали возилото е паркирано или вози.
Уникатната боја е изработена од тенок, флексибилен фотоволтаичен материјал, кој има специфична тежина од само 50 грама на метар квадратен и дебелина на слојот од само 5 микрометри.
Предноста на соларната боја, во споредба со класичните соларни панели, е тоа што може да се витка околу заоблените и закривените делови на каросеријата на автомобилот, што овозможува поголема покриеност на фотосензитивната површина отколку со крути стаклени панели.
Mercedes-Benz предвидува дека SUV модел со средна големина обоен во оваа боја, под идеални услови, би можел да собере доволно енергија за да вози 12.000 километри годишно. Сепак, вистинската количина на енергија собрана во реални услови ќе зависи од изложеноста на возилото на сончева светлина.
Новата боја е само еден од слоевите на повеќеслојната обвивка која вклучува соларен активен материјал, изолација и тенок горен транспарентен слој исполнет со наночестички. Сончевата енергија собрана од овој слој се насочува во батеријата на електричното возило.
Тековните проценки покажуваат дека во некои сончеви области, како што е Калифорнија, така собраната енергија може да биде сосема доволна за цел ден возење. Исто така, за разлика од соларните панели, соларната боја не користи ретки метали или токсични материјали, па затоа е поеколошка и полесна за рециклирање.
Новата боја треба да влијае и на решавање на проблемот со полнењето на електричните возила, односно да ја намали нивната зависност од јавните полначи и домашните приклучоци, како и да ги направи електричните возила попрофитабилни и поодржливи отколку што е случај денес.
Затоа Mercedes-Benz се надева дека нивната нова технологија ќе ја зголеми севкупната прифатливост на електричните возила и нивната популарност меѓу клиентите.