Сибирски научници спроведуваат тестови на бебе мамут чии неверојатно добро сочувани останки се откриени во стопен пермафрост по повеќе од 50.000 години.
Суштеството, кое личи на мал слон со сурла, е извадено од кратерот Батагаика, огромна вдлабнатина длабока повеќе од 80 метри која се шири како резултат на климатските промени.
Бебето мамут „Јана“, тешко повеќе од 110 килограми, беше изнесено на површина на импровизирана носилка, изјави Максим Черпасов, раководител на лабораторијата на музејот за мамути „Лазарев“ во градот Јакутск.
Тој рече дека мамутот веројатно бил стар нешто повеќе од една година кога умрел, но тестовите ќе им овозможат на научниците да направат попрецизна проценка. Посебно необично беше фактот дека се зачувани главата и сурлата.
„По правило, делот што прво се топи, особено сурлата, често ја јадат предатори или птици. Еве, на пример, иако предните екстремитети се веќе изедени, главата е неверојатно добро сочувана“, изјави Черпасов за Reuters.
Ова е најновото во низата спектакуларни откритија во рускиот вечен мраз (пермафрост). Во ноември, научниците покажаа остатоци стари 32.000 години стари од младенчиња на животно од видот мачка во истиот огромен североисточен регион, познат како Саха или Јакутија, додека 44.000 години стар труп беше откриен на почетокот на оваа година.