Стопанска банка целосно опреми три територијални противпожарни единици со индивидуална пожарникарска униформа која вклучува: чизми, шлем, ракавици, јакна, кошула и пантолони. Униформата е со врвен квалитет и специјално изработена за борба со шумски пожари, природна непогода од која секоја година страдаат нашите планини.
ТППЕ Старо Нагоричане, Ранковце и Кратово со вкупно 27 пожарникари веќе ја користат опремата и го изразија своето задоволство на средбата со Управниот одбор на Стопанска банка во Центарот за управување со кризи.
Диомидис Николетопулос, генерален извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка, на средбата со присутните пожарникари, претставници од територијалните единици им се заблагодари за нивната пожртвуваност и посветеност кон заштитата на природата и граѓаните од една од најопасните појави – пожарот.
– Донацијата од Банката е израз на нашата длабока благодарност и почит кон сите вас, поттикната од разорните пожари кои ја зафатија земјата во текот на летото, и кои, за жал, се сѐ почести во целиот регион. Соочени со разорната моќ на шумските пожари ја откриваме нашата ранливост како општество и заедница, па затоа, ако веќе сме во можност, помошта за првата линија на отпорот е најмалку што можеме да направиме. Искрено се надеваме дека опремата нема да треба да ја користите често, но во исто време нѐ радува фактот што добивте целосно нова и модерна опрема која ќе ве заштитува и овозможува подобри услови за работа – рече Николетопулос.
Тој изрази благодарност и за Центарот за управување со кризи преку кој се реализираше донацијата бидејќи имаа директен увид за состојбите на теренот и беа во можност да направат проценка кои територијални единици треба да се опфатат со донацијата.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, на средбата со менаџментот на Банката и претставниците од ТППЕ во просториите на ЦУК, изрази голема благодарност до пожарникарите за нивниот голем ангажман во справување со огнените стихии, како и до Банката, донатор на опремата за пожарникарите.
Со ваквите реализирани донации, а на линија со кампањата “ДОМА“ која во текот на 2024 година го промовираше 80. јубилеј на Стопанска банка, придонесуваме ДОМА да ни биде подобро, побезбедно и со тоа да градиме иднина на здрави и цврсти темели со Стопанска банка како поддршка и поттик.