LG не го чекаше саемот CES во Лас Вегас за да ја претстави својата нова линија гејминг монитори.
Понудата за 2025 година ја предводи UltraGear OLED Bendable гејминг м, за кој LG тврди дека е „првиот флексибилен OLED екран со резолуција 5K2K“. Станува збор за 45-инчен монитор со експанзивна резолуција од 5.120×2.160 пиксели, што значи дека корисникот има ист број вертикални пиксели како и типичен 4K екран, но со многу пошироко платно за играње.
Благодарение на форматот 21:9, LG верува дека мониторот нуди „поимпресивно гејминг искуство во споредба со стандардните 16:9 монитори, додека истовремено задржува подобра компатибилност на содржините во споредба со 32:9 монитори“. Овој формат го прави екранот одличен за продуктивна работа кога корисникот не е „потопен“ во играњето.
UltraGear OLED Bendable Gaming Monitor, односно моделот 45GX990A, може да се префрли од целосно рамен панел во кривина од 900R. Најновата верзија на функцијата Dual-Mode на LG „им овозможува на корисниците лесно да преминуваат помеѓу претходно зададени резолуции и стапки на освежување, како и да го прилагодат односот на ширина и висина на сликата и големината на сликата“. Мониторот е сертифициран за Nvidia G-Sync и AMD FreeSync Premium Pro, но во материјалите не е наведена максималната стапка на освежување.
LG претстави и фиксна верзија со постојана закривеност од 800R. Големината од 45 инчи е иста, како и форматот и резолуцијата 5K2K. Од компанијата велат дека може да се очекува „остра, живописна слика со зачудувачки бои и извонреден контраст, по што се познати LG OLED производите“. Заедничките спецификации на овие монитори вклучуваат време на одговор од 0,03 ms (GtG), поддршка за DisplayPort 2.1, HDMI 2.1 и USB-C со напојување од 90W. Моделот 45GX950A користи RGWB распоред на подпикселите за подобрување на читливоста на текстот на екранот и за да биде „понежен“ за очите.
Исто така, беше претставен и закривениот UltraGear 39GX90SA монитор, центар за домашна забава со лесен пристап до стриминг услуги кој го користи webOS. Очигледно, LG се инспирирал од некои од паметните монитори на Samsung. Со своите 39 инчи, овој монитор е помал од останатите GX9 дисплеи, но сепак има формат 21:9 и кривина од 800R. Опремен со USB Type-C порти, мониторот нуди практично поврзување и вклучува ергономско постолје на LG во форма на буквата „L“, кое заштедува простор на работната маса.
Како и обично, цените и датумот на почеток на продажбата ќе бидат објавени подоцна.