Во последно време, корпоративната структура на OpenAI предизвика бројни дискусии и дебати во јавноста и внатре во организацијата, што го наведе раководството да донесе клучни одлуки и да најави нов правец за развој на компанијата и непрофитната лабораторија.
Комплексната приказна за OpenAI, кој започна како непрофитна лабораторија за вештачка интелигенција, а потоа прерасна во компанија со профитни цели, би можела да се расплете во текот на следната година. Раководство на компанијата на официјалниот блог објави дека ќе ја приспособи структурата на организацијата со цел подобро усогласување со мисијата и целите. Главната мисија на оваа организација останува создавање на општа вештачка интелигенција (AGI) која ќе биде од корист за целото човештво. За да го постигне тоа, покрај обезбедување големи финансиски средства, компанијата ќе мора и внатрешно да се реорганизира.
Најпрвин, структурата и регистрацијата на компанијата ќе се променат така што ќе продолжи да има и профитен и непрофитен дел. Профитниот дел моментално функционира како стартап, собира финансии, продава услуги и општо се однесува како бизнис, додека непрофитниот дел работи на развој и делува малку позади сцената. Со новата структура, која треба да биде реализирана следната година, и двата дела ќе останат активни. Профитниот дел ќе биде регистриран како корпорација за јавна добробит (Public Benefit Corporation) во сојузната држава Делавер и ќе може како таков да ги исполнува целите на акционерите и да собира дополнителен капитал.
Успехот на профитниот дел ќе обезбеди непрофитната лабораторија на OpenAI да биде една од најдобро финансираните непрофитни организации во светот, одржлива и самостојна, но истовремено ќе биде и акционер во својот комерцијален „спонзор“. Профитната корпорација ќе го води бизнисот, со актуелното раководство на чело, додека непрофитниот дел ќе биде управуван од професионални менаџери кои ќе се фокусираат на добротворни иницијативи во областите на здравството, образованието и науката.
„Светот се движи кон создавање нова енергетска инфраструктура, користење на земјиште, чипови, дата-центри, податоци, AI модели и AI системи за економијата на 21. век. Се стремиме да се развиваме за да го преземеме следниот чекор во нашата мисија, помагајќи во изградбата на AGI економијата и обезбедувајќи таа да биде од корист за човештвото“, заклучува раководството на OpenAI во своите „новогодишни одлуки“. Во објавата, AGI е дефинирана како „високо автономен систем што ги надминува човековите способности во поголемиот дел од работите кои создаваат вредност“.