Европската вселенска агенција и сателитскиот оператор Telesat први во светот ја тестираа 5G конекцијата што директно го поврзува комуникацискиот сателит во ниска орбита со земјаните предаватели и приемници.
Лабораторијата за 5G и 6G комуникациски технологии на Европската вселенска агенција, која се наоѓа во Европскиот центар за вселенски истражувања и технологии (ESTEC) во Холандија, успешно воспостави 5G врска со сателитот LEO 3, управуван од Telesat, глобален сателитски оператор. Користејќи ја 5G технологијата на Amarisoft, тимот воспостави и одржа стабилна врска со сателитот додека тој се движеше по небото – од моментот кога се појави над хоризонтот, до својата највисока точка од 38° и повторно назад кон хоризонтот.
Слични експерименти претходно беа спроведени со сателити во геостационарни орбити, но овој тест е првата успешна имплементација на технологијата за 5G неземски мрежи (Non-Terrestrial Network, NTN) со сателит во ниска орбита, кој се движи значително побрзо во однос на корисниците на Земјата. Врската беше воспоставена во фреквенцискиот опсег познат како Ka-band, а од ESA велат дека ова е многу важен чекор кон едноставно користење на сателитските 5G мрежи преку мобилни телефони.
Овој успех отвора можности за комуникација кои претходно беа недостапни, бидејќи сателитите од ниска орбита, во комбинација со стандардизирана 5G технологија, сега можат да поддржуваат услуги што бараат двонасочни врски во реално време. Тестираната технологија може да го промени начинот на комуникација во итни ситуации, обезбедување здравствена заштита во рурални подрачја или вршење бизнис активности низ светот, особено во оддалечените делови на планетата, велат од Европската вселенска агенција.
Примери за употреба на овој начин на телекомуникации вклучуваат автономни возила, вршење медицински интервенции на далечина, па дури и директно поврзување на патнички авиони на 5G, што би можело да овозможи пристап до интернет за патниците во секој дел од светот.
Една од важните иновации во овој проект е фактот што тој е реализиран врз основа на отворени стандарди, утврдени од меѓународната организација за стандардизација на телекомуникации 3GPP. Ова значи дека мобилните уреди во иднина би можеле директно да се поврзуваат со сателити, потенцијално намалувајќи ги трошоците и сложеноста на земјената инфраструктура и зголемувајќи ја меѓусебната поврзаност меѓу различните даватели на услуги. Теоретски, технологијата овозможува непречено и континуирано префрлање помеѓу земјените мрежи и сателитите, обезбедувајќи постојана покриеност – било да сте во центарот на градот или, на пример, на оддалечена планина.