Nvidia планира да лансира компактни компјутери за хуманоидни роботи во текот на 2025 година, насочувајќи се кон глобалниот пазар на производители на роботи.
Nvidia стана гигант во областа на хардверот за вештачка интелигенција благодарение на своите напредни AI процесори, кои се неприкосновени во оваа индустрија. Затоа, често се поставува прашањето што е следно за овој ИТ гигант кој буквално „експлодираше“ годинава и стана една од највредните технолошки компании во светот.
Последните информации откриваат дека Nvidia планира значително да навлезе во областа на роботиката во текот на 2025 година. Како што потврдува Financial Times, Nvidia ќе ја лансира новата генерација компактни компјутери за хуманоидни роботи, наречена Jetson Thor, во првата половина од следната година.
Овој чекор, иако очекуван, е дел од долгорочна стратегија која се развива со години. Nvidia не планира директно да се натпреварува со производители како Tesla, туку сака да обезбеди основна OEM платформа и поддршка за „стотици илјади“ производители на роботи ширум светот, изјави Дипу Тала, потпретседател на компанијата за роботика, минатиот месец во Токио.
Што се однесува до причината за оваа временска рамка, Тала објасни дека пресвртот е резултат на два технолошки напредоци: експлозијата на генеративни AI модели и можноста за обука на роботи преку нив, користејќи симулирани околини.
Иако Nvidia тоа не го изјавува отворено, очигледно е дека нивниот фокус на AI роботи доаѓа во време кога големи купувачи како Amazon и Google работат на намалување на зависноста од Nvidia AI чиповите, развивајќи свои технологии, пишува Tech Crunch.