Заедно со телефоните од Redmi Note 14 серијата, Xiaomi на медиумски настан на 10 јануари ќе претстави и неколку паметни уреди, меѓу кои се слушалките Redmi Buds 6 Pro и паметниот часовник Redmi Watch 5.
Xiaomi го потврди датумот за глобалното претставување на Redmi Note 14 серијата телефони. Кинескиот производител ќе одржи голем настан во петок, на 10 јануари, и според сè, ќе претстави најмалку три телефони.
Станува збор за достапни модели од пониска и средна класа, кои веќе во септември беа претставени во Кина – Redmi Note 14, Note 14 Pro и Note 14 Pro+. Основниот и Pro модел ќе бидат достапни во две варијанти, 4G и 5G, кои ќе се разликуваат по спецификациите и цената.
Кога станува збор за цените, порталот GSM Arena неодамна објави дека Redmi Note 14 4G со 8 GB RAM и 256 GB меморија ќе чини 240 евра, додека 5G верзијата ќе биде 300 евра. Дополнително, Redmi Note 14 Pro 4G ќе чини 320 евра, Pro 5G 400 евра, а Pro+ 500 евра. Сите модели ќе имаат 8 GB RAM и 256 GB меморија.
Како што е обичај на настаните на Xiaomi, покрај телефоните, ќе бидат претставени и неколку паметни додатоци, вклучувајќи ги слушалките Redmi Buds 6 Pro и паметниот часовник Redmi Watch 5. Некои од овие додатоци најверојатно ќе бидат понудени како подарок при преднарачка на одредени модели од серијата Redmi Note 14.