Целата серија графички картички RTX 50 носи значителни подобрувања во перформансите, енергетската ефикасност и вештачката интелигенција.
Извршниот директор на Nvidia, Џенсен Хуанг ја претстави новата серијата графички картички RTX 50 (Blackwell) на годинешниот CES 2025 саем, најавувајќи ги RTX 5090 по цена од 1.999 долари, RTX 5080 за 999 долари, RTX 5070 Ti за 749 долари и RTX 5070 за 549 долари. Најмоќните графички процесори на Nvidia, RTX 5090 и RTX 5080, ќе бидат достапни за продажба од 30 јануари, додека RTX 5070 Ti и RTX 5070 ќе пристигнат во февруари.
Целата серија донесува значителни подобрувања, вклучувајќи нов дизајн за моделите Founders Edition со два двојни вентилатори и GDDR7 меморија. Сите графички процесори од серијата RTX 50 користат PCIe Gen 5 и поддржуваат DisplayPort 2.1b, кој обезбедува поддршка за екрани со резолуција до 8K и 165 Hz.
Особено изненадување е што RTX 5090 Founders Edition зафаќа ширина од само два слота, што овозможува негово сместување во помали куќишта. Ова претставува голема промена во споредба со димензиите на претходниот модел, RTX 4090.
Како што беше претходно најавено, RTX 5090 располага со 32 GB GDDR7 меморија, пропусност од 1.792 GB/s и импресивни 21.760 CUDA јадра. Nvidia истакнува дека RTX 5090 ќе биде двојно побрза од RTX 4090, но тоа доаѓа со поголема потрошувачка на енергија. Поточно, RTX 5090 има вкупна потрошувачка од 575 W и препорачано напојување од 1.000 W.
Nvidia демонстрираше перформанси на графичките картички со споредба на RTX 5090 и RTX 4090 во играта Cyberpunk 2077. Според нивниот тест, кој може да се види во видеото подолу, RTX 5090 со DLSS 4 постигнал 238 FPS, додека RTX 4090 со DLSS 3.5 остварил 106 FPS, при целосно овозможен ray tracing на двата графички процесори.
Што се однесува до RTX 5080, тој е дизајниран да биде двојно побрз од RTX 4080. Располага со 16 GB GDDR7 меморија, пропусност од 960 GB/s и 10.752 CUDA јадра. RTX 5080 има вкупна потрошувачка од 360 W, а Nvidia препорачува напојување од 850 W.
Понатаму, RTX 5070 Ti доаѓа со 16 GB GDDR7 меморија, пропусност од 896 GB/s и 8.960 CUDA јадра, додека RTX 5070 располага со 12 GB GDDR7 меморија, пропусност од 672 GB/s и 6.144 CUDA јадра. Според Nvidia, RTX 5070 Ti има вкупна потрошувачка од 300 W и бара напојување од 750 W, додека RTX 5070 троши 250 W и му е потребно напојување од 650 W.
Nvidia тврди дека RTX 5070 Ti ќе обезбеди двојно подобри перформанси во споредба со RTX 4070 Ti, исто како и RTX 5070 во однос на RTX 4070. Дополнително, Џенсен Хуанг на CES храбро изјави дека RTX 5070 за цена од 549 долари ќе понуди перформанси како RTX 4090. Сепак, ова главно се однесува на подобрувањата постигнати преку DLSS 4.
Серијата RTX 50 доаѓа и за лаптопи, со посебна верзија на RTX 5090 GPU за лаптопи која располага со 24 GB GDDR7 меморија. RTX 5080 за лаптопи ќе има 16 GB GDDR7 меморија, RTX 5070 Ti 12 GB, а RTX 5070 ќе има само 8 GB. Лаптопите со новите графички картички на Nvidia се очекуваат веќе во март.
Хуанг на CES демонстрираше рендерирање во реално време, што вклучуваше RTX Neural Materials, RTX Neural Faces, претворање текст во анимација и DLSS 4. Оваа генерација на DLSS воведува технологија Multi Frame Generation, која може да го зголеми бројот на слики во секунда до осум пати. Дополнително, овозможува подобрувања како намалување на ghosting ефектот и повисок квалитет на сликата во движење. DLSS 4 ќе биде компатибилен и со постојните RTX GPU-и благодарение на новите AI модели.