Компанијата Samsung официјално потврди дека на 22 јануари во Сан Хозе ќе го одржи својот традиционален Unpacked настан, на кој овој пат ќе претстави четири уреди од серијата Galaxy S25.
Се верува дека станува збор за моделите Galaxy S25, Galaxy S25+, Galaxy S25 Ultra и сосема новиот модел Galaxy S25 Slim.
Galaxy S25 и Galaxy S25+ ќе бидат доста слични, при што Plus моделот ќе има само поголем екран и батерија, додека Ultra ќе ги напушти „острите“ агли и ќе прифати повеќе овална форма, но ќе го задржи S Pen и Ultra спецификациите.
Моделот Slim, наводно ќе пристигне со 6,66-инчен екран, главна камера од 200 MP, ултраширока од 50 MP и телефото камера од 50 MP, а ќе го движи процесорот Snapdragon 8 Elite од Qualcomm. Исто така, ќе биде напојуван од батерија со капацитет од 5.000 mAh.
Овие спецификации звучат импресивно за еден врвен модел, но, како што сугерира неговото име, уредот ќе биде потенок и полесен, а веројатно ќе му недостасуваат некои функции, како што се безжичното полнење и перископските леќи за телефото камерата.
Galaxy Unpacked настанот ќе може да се следи во живо со почеток во 19:00 часот по македонско време, како и секогаш преку YouTube каналот на компанијата.