Наместо XPS, Inspiron, Latitude и други, повеќето производи на компанијата ќе се продаваат под брендовите Dell, Dell Pro и Dell Pro Max
Заедно со претставувањето на новите производи за време на CES 2025 саемот, Dell објави дека ќе спроведе големо ребрендирање на своето портфолио, што ќе значи укинување на познатите брендови XPS, Inspiron, Latitude, Precision и OptiPlex.
На нивно место, компанијата воведува три главни продуктни линии: Dell (за игри, учење и работа), Dell Pro (за продуктивност) и Dell Pro Max (за максимална продуктивност). Секоја од овие линии дополнително ќе биде поделена на три нивоа – Base, Plus и Premium.
Dell истакнува дека на овој начин сака да им го олесни изборот на корисниците, нудејќи производи кои најдобро ги задоволуваат нивните потреби. Сепак, останува да видиме дали ова навистина ќе се покаже како успешно решение, бидејќи ќе биде потребно време за целосно повлекување на постоечките производи со старите имиња и нивна замена со новите.
Според новата шема на именување, новите производи од оваа година кои ги заменуваат Latitude ќе се викаат Dell Pro 13/14 Premium и Dell Pro 13/14/16 Plus (во зависност од големината на екранот). Премиум серијата XPS ќе биде преименувана во Dell Premium – дел од линијата Dell во ниво Premium. Ќе видиме и модели со имиња Dell Pro Max, Pro Max Plus и Pro Max Premium, кои ќе ја продолжат серијата Precision.