Минатата година Huawei го изненади целиот свет со својот троен преклопен смартфон Mate XT, кој всушност има три дела и се преклопува на две места. Од моментот на претставувањето на овој уред, се шпекулира кога некој друг производител ќе лансира сличен уред на пазарот, а сега пристигна и одговорот.
Во втората половина на 2025 година, Samsung ќе претстави троен преклопен смартфон, кој ќе биде достапен во многу ограничени количини. Извештаите од Јужна Кореја укажуваат дека на купувачите ќе им бидат на располагање помалку од 300.000 примероци.
Причината за ова е неверојатно комплицираното производство на ваков тип уреди, но Samsung дефинитивно ќе најде начини да го зголеми својот производствен капацитет доколку уредот се покаже како екстремно успешен.
Од друга страна, тоа би можело да биде предизвик бидејќи овој смартфон ќе биде најскапиот флексибилен уред во историјата на Samsung. Екраните ќе ги произведува Samsung Display, а се очекува да се преклопуваат на поинаков начин од Huawei Mate XT. Кога телефонот ќе биде целосно затворен, екранот нема да биде изложен од ниту една страна. Целта на ова е подобрување на издржливоста.
Големината на екранот ќе варира поради новиот механизам за преклопување. Ќе изнесува 10,5 инчи кога се отвора на левата страна, односно 12,4 инчи при отворање на десната страна. Смартфонот нема да има камера под екранот.