Автомобилите на Toyota ќе добијат автономни функции благодарение на суперкомпјутерот Nvidia Drive AGX Orin и системот DriveOS.
На саемот CES 2025, Toyota најави дека нејзините идни автомобили ќе имаат автоматизирани способности за возење, овозможени преку интеграција и користење на суперкомпјутерот Nvidia Drive AGX Orin и софтверот DriveOS, специјализирани за функции фокусирани на безбедност и обработка на податоци во реално време.
Nvidia Drive AGX Orin е дел од троделната Nvidia платформа за автономно возење, која исто така вклучува Nvidia DGX, платформа за тренирање на AI модели и софтверски пакети, како и Nvidia Omniverse, платформа за тестирање софтвер за автономно возење и генерирање синтетички податоци преку симулации. Toyota веќе неколку години ги користи Nvidia DGX и Omniverse за развој и проценка на технологии за автономни возила.
Уште во 2019 година, Toyota Research Institute започна да користи Nvidia технологија, додека соработката со Nvidia суперкомпјутерите за идни автономни возила беше најавена уште во 2017 година.
„Toyota е одличен пример за нашата стратегија од облакот до автомобилот,“ изјави Али Кани, потпретседател на одделот за автомобилска индустрија во Nvidia. „Веќе соработуваме со Toyota во облакот, а сега го прошируваме партнерството и на автомобилите“.
Проширување на Nvidia технологијата во индустријата
Освен со Toyota, Nvidia на CES 2025 се здружи со компаниите Aurora Innovation и Continental за да користат Nvidia Drive Thor SoC решенија за автономни камиони.
Благодарение на својата широка понуда на платформи за тренирање, симулација и обработка, Nvidia очекува дека нејзиниот автомобилски сегмент на бизнисот ќе достигне вредност од 5 милијарди долари до 2026 година.
Овој чекор на Toyota претставува значаен напредок кон иднината, во која автономното возење на паметните модели Corolla, Camry, RAV4 и други, ќе игра клучна улога во развојот на автомобилскиот пазар, пишува Tech Crunch.