Компанијата SpaceX официјално потврди дека, доколку сè оди според планот, следната недела ќе ја лансира ракетата Starship.
SpaceX потврди дека на 13 јануари планира да го изврши седмото лансирање на ракетата Starship, која е висока 122 метри. Како што веќе е познато, станува збор за целосно повеќекратна мега-ракета дизајнирана да му помогне на човештвото да се врати на Месечината и да отпатува на Марс.
Лансирањето е закажано за 17:00 часот по локално време од базата Старбејс во Тексас. Како и обично, преносот во живо ќе биде обезбеден и ќе започне 35 минути пред полетувањето на ракетата.
Starship досега летал шест пати, во март и јуни 2023 година, како и во март, јуни, октомври и ноември минатата година.
Мисијата во октомври вклучуваше успешно фаќање на Super Heavy бустерот на Starship со помош на механичката рака на лансирната кула во Старбејс. Токму тој успех SpaceX ќе се обиде да го повтори за време на седмиот лет. Потсетуваме, тоа беше дел од планот и во ноември за време на шестиот лет, но комуникациските проблеми со кулата резултираа со откажување на овој обид.
Горната фаза на Starship, висока 50 метри и позната како Starship или Ship, ќе слета во Индискиот Океан во понеделник, исто како и за време на претходните три лансирања.
SpaceX ќе се обиде да направи и одреден напредок. За првпат, Ship ќе се обиде да испорача товар во вселената, а тоа ќе бидат десет „лажни“ сателити со слична големина и тежина како новата генерација на сателитите Starlink.
Како што е познато, Starlink е мегаконстелацијата на SpaceX во ниската орбита на Земјата, која овозможува пристап до интернет на Земјата. Компанијата смета на Starship во своите планови за завршување на огромната мрежа на сателити, која треба да содржи повеќе од 40.000 сателити.
„Симулациите за Starlink ќе бидат на иста суборбитална патека како и Starship, а местото на пад е Индискиот Океан,“ соопштија од SpaceX.
Super Heavy исто така ќе содржи веќе користена опрема за првпат за време на седмиот лет, односно Raptor мотор кој припаѓал на бустерот што се користеше за лансирањето и враќањето на петтиот Starship.
Да напоменеме дека моќната ракета New Glenn на компанијата Blue Origin ќе полета за првпат во петок, на 10 јануари.