Автоматското генерирање на преводи ќе се одвива исклучиво на компјутерот на корисникот, без потреба од интернет врска, и ќе биде базирано на модели на вештачка интелигенција со отворен код.
На CES 2025 саемот во Лас Вегас се претстави и VideoLAN, компанијата што стои зад мегапопуларниот мултимедијален плеер VLC Player. Она што во една од идните надградби на VLC Player би требало да биде корисен додаток, а воедно и да ја намали или целосно елиминира потребата за превземање на преводи од надворешни извори, е нивниот систем за автоматско генерирање преводи на видеа. Покрај тоа што ќе генерира преводи, системот автоматски ќе преведува содржини на над сто светски јазици, најави Жан-Батист Кемпф, првиот човек на компанијата.
Не само што со оваа иновација ќе биде можно автоматски да се преведуваат локално зачувани видео записи на саканиот јазик и да се добиваат преводи во реално време, туку сè ќе се одвива целосно локално, на компјутерот на корисникот. Тоа значи дека искуството на гледање останува офлајн, дури и со преводи, без потреба од интернет врска со некој облачен сервис. VLC го постигнува тоа користејќи модели на вештачка интелигенција дизајнирани за употреба без интернет, кои се исто така со отворен код.
Слични системи веќе беа развивани како надворешни додатоци за VLC Player, ослонувајќи се на OpenAI моделот за препознавање на говор Whisper. Но, овој пат станува збор за сопствено решение. Кемпф не најави кога нивниот плеер ќе ја добие оваа нова AI функција. Сепак, ја истакна гордоста што, и покрај растечкото пазариште на стриминг услуги, VLC Player и понатаму бележи раст на бројот на корисници, па оваа недела ја надмина бројката од вкупно 6 милијарди преземања.