Xiaomi на крајот од септември во Кина ја претстави серијата Redmi Note 14, по што овие уреди пристигнаа во Индија во декември. Сепак, сега кинеската компанија лансираше сосема поинаков сет Redmi Note 14 телефони за европскиот пазар.
На почеток, треба да се истакне дека станува збор за пет нови модели, а не само три, при што фокусот дефинитивно е на Pro моделите.
Redmi Note 14 Pro+ го покренува процесорот Snapdragon 7s Gen 3, кој ветува подобри перформанси во споредба со Dimensity 7200 Ultra од претходниот модел. Смартфонот ќе биде достапен во неколку конфигурации за меморија. Основната варијанта има 8 GB RAM и 256 GB интерна меморија, додека најдобриот модел нуди 12 GB LPDDR4X RAM и 512 GB UFS 2.2 меморија.
Екранот е сличен на оној кај претходниот модел – закривен 6,67-инчен OLED панел со резолуција 1.220 x 2.712 пиксели. Станува збор за 12-битен панел со поддршка за Dolby Vision и HDR10+, со максимална осветленост од 3.000 нити и 1.920 Hz PWM затемнување. Напредок претставува преминот на Gorilla Glass Victus 2 заштитното стакло, додека на задната страна се наоѓа Gorilla Glass 7i стакло (Frost сина и Midnight црна) или веганска кожа (Lavender виолетова), во зависност од избраната боја.
Како и минатата година, Xiaomi го опреми Pro+ моделот со задна камера од 200 MP. Сензорот од 1/1,4 инчи користи 16-in-1 пикселско биновање и може да понуди 2x и 4x зумирање без загуби. Присутна е и оптичка стабилизација, што помага при 4x зумирање. Тука е и ултраширока камера од 8 MP, како и макро камера од 2 MP.
Селфи камерата е подобрена со сензор од 20 MP и поширок објектив. Dual Video функцијата овозможува снимање со предната и задната камера истовремено.
Новиот модел го напојува малку поголема батерија со капацитет од 5.110 mAh, а Pro+ ексклузивно поддржува брзо полнење од 120W. Исто така, 120W полначот ќе биде вклучен во пакувањето во одредени региони.
Стандардниот Pro модел доаѓа во 4G и 5G варијанта. Овие уреди користат различни процесори – Helio G100 Ultra и Dimensity 7300 Ultra. Но, тоа не е единствената разлика.
Redmi Note 14 Pro 5G е сличен на Pro+. Користи истиот закривен 6,67-инчен 1.220p+ екран и иста селфи камера од 20 MP. И овој телефон е отпорен на вода и прашина според IP68 стандардот, а батеријата е со капацитет од 5.110 mAh, но поддржува полнење од 45W. Напоменуваме дека 45W полнач е вклучен во пакувањето, но само на одредени пазари.
Redmi Note 14 Pro 4G исто така користи закривен 6,67-инчен OLED екран, но резолуцијата е пониска и изнесува 1.080 x 2.400 пиксели. Заштитен е со Victus 2 стакло, но има пониска отпорност со OP64 сертификат за заштита од прскање вода. Овој 10-битен панел нема поддршка за Dolby Vision и HDR10+. Максималната осветленост е пониска и изнесува 1.800 нити.
Однапред, селфи камерата е со 32 MP сензор и поширок 0,8x објектив. Полнењето на батеријата е ограничено на 45W, но капацитетот е поголем – 5.500 mAh. Полначот е вклучен во пакувањето во зависност од регионот.
Важно е да се истакне дека двата Pro модела ги имаат истите задни камери како и Pro+, главната од 200 MP (1/1,4”, 16-in-1 биновање, OIS), ултрашироката од 8 MP и макро камерата од 2 MP.
Исто така, двата Pro модели и Pro+ поседуваат dual-SIM слотови, додека двата 5G модели нудат и eSIM за разлика од Pro 4G моделот. Од друга страна, Pro 4G е единствениот со microSD слот. Станува збор за хибриден слот, така што корисникот избира меѓу дополнителна меморија и втора SIM картичка.
Цената на Redmi Note 14 Pro 4G е 300 евра (8/256 GB), за 14 Pro 5G е 400 евра (8/256 GB), додека цената на моделот 14 Pro+ изнесува 500 евра (8/256 GB) и 550 евра (12/512 GB).