Иако VLC е еден од најпопуларните видео плеери, како за десктоп и лаптоп компјутерите, така и за мобилните телефони, тоа не значи дека не постојат и многу интересни алтернативи кои нудат богати можности. NOVA Video Player е токму една таква алтернатива
NOVA Video Player можеби не е толку познат мобилен видео плеер со отворен код, наменет за уредите со Android, но тоа не значи дека нема што да понуди. Напротив, станува збор за моќен и многу напреден видео плеер кој одлично функционира на паметни телефони, таблети и Android TV.
Уште при првото стартување ќе биде јасно дека станува збор за плеер кој овозможува гледање содржини од различни извори. Освен што може да репродуцира бројни популарни мултимедијални формати од внатрешната меморија на телефонот, содржините може да се преземаат од споделени мапи на мрежата, медиумски сервери (DLNA), како и од сервиси за складирање датотеки (Dropbox и OneDrive).
Една од неговите предности е тоа што одлично функционира на Android TV и овозможува директно пуштање (passthrough) на аудио записи (AC3/DT). Исто така, нуди специјално прилагодено корисничко интерфејс за ТВ екрани, па дури и поддршка за 3D содржини. Кога станува збор за репродукцијата, задачата ја извршува беспрекорно.
Покрај веќе споменатата солидна поддршка за мултимедијални формати, многу е едноставно да се прилагодуваат големината и односите на видеото што се репродуцира. Тука е и поддршката за титлови, а особено е корисно тоа што автоматски ги презема сите информации за содржината што се планира да се репродуцира. Секако, поддржува и хардверска акцелерација при репродукција, како и многу други детали и практични можности.
Со други зборови, оние кои сè уште не ја пронашле омилената апликација за репродукција на видео содржини која можат да ја користат на сите свои Android уреди, а притоа не треба да платат ниту денар, дефинитивно треба да проверат што сè им нуди NOVA Video Player.