Најновиот извештај покажува дека Samsung и понатаму го задржува водечкото место со 19 проценти удел на пазарот, додека побарувачката за мобилни телефони над 1.000 долари постојано расте.
По две последователни години на пад, глобалниот пазар на паметни телефони покажува знаци на опоравување. Во текот на 2024 година, производителите на паметни телефони забележаа раст од 4 проценти во однос на претходната година. Сепак, треба да се има предвид дека 2023 година беше обележана со најниска побарувачка во последната деценија, па позитивните трендови во 2024 година се очекувани.
Според аналитичарите од Counterpoint Research, пазарот на паметни телефони расте благодарение на намалувањето на економските притисоци низ целиот свет и сè поголемата интеграција на AI карактеристики во уредите. Извештајот на Counterpoint покажува дека речиси сите пазари забележале позитивен тренд, предводени од Европа, Кина и Латинска Америка.
Се наведува дека Samsung и понатаму го задржува првото место со 19 проценти удел на пазарот, благодарение на силната побарувачка за моделите од серијата Galaxy S24 и некои модели од подостапната серија A. На второ место е Apple, иако забележа пад на продажбата од 2 проценти во текот на минатата година.
Гледано во целина, серијата iPhone 16 не ги исполни очекувањата на Apple за продажба, но затоа моделите iPhone 16 Pro и 16 Pro Max беа исклучително баран, што ѝ овозможи на компанијата од Купертино да ги зголеми приходите, и покрај намалувањето на вкупната продажба. Токму оваа зголемена продажба на уреди од премиум сегментот го одржува тековниот статус на пазарот.
Од Counterpoint истакнуваат дека просечните цени на уредите продолжуваат да растат, што значи поголеми приходи за производителите. Потенцираат и дека најголемата продажба во 2024 година ја бележат уредите поскапи од 1.000 долари.
Што се однесува до останатите производители, Xiaomi во 2024 година забележа раст на продажбата од 12 проценти и ја задржува третата позиција на пазарот. Vivo, од друга страна, бележи раст од 9 проценти, додека Oppo, и покрај вкупниот пад од 8 проценти, покажува знаци на опоравување кон крајот на годината.
Иако растот во 2024 година влева одреден оптимизам кај производителите на паметни телефони, аналитичарите на Counterpoint остануваат претпазливи со своите прогнози за 2025 година. Целосно опоравување на пазарот, односно враќање на претпандемиските нивоа на продажба, сè уште не се очекува.