Google Automotive AI агентот стои зад напредниот систем за разговори кој оваа година ќе биде вграден во новиот Mercedes CLA.
Најновата платформа Google Cloud за AI Agent, кој ќе биде задолжен за интеракција со возачите во автомобилот, ветува дека ќе овозможи „континуирани разговори и размена на информации“ за време на возењето. Првиот автомобил кој ќе ја користи оваа технологија е новиот Mercedes CLA, кој доаѓа со следната генерација на MB.OS оперативниот систем и унапредениот MBUX виртуелен асистент.
Кога Mercedes го претстави овој систем на минатогодишниот CES 2024 саем, не откри кој конкретен јазичен модел (LLM) ќе го користи. Во моментот, постоечкиот MBUX гласовен асистент може да одговори на околу 20 команди кои започнуваат со „Hey Mercedes“ и ги користи резултатите од ChatGPT и Microsoft Bing. Сепак, тоа не е класичен систем за природна конверзација со AI агент. Mercedes планира да ги унапреди и постарите верзии на овој асистент со нови функции, но сè уште не е јасно кои модели ќе ја добијат оваа надградба.
Новиот MBUX виртуелен асистент содржи четири „карактерни особини“: природност, предвидливост, персонализација и емпатија. Исто така, може да поставува дополнителни прашања за да им обезбеди на корисниците појасни и попрецизни одговори.
Новиот Google AI агент е специјално приспособен за автомобилска употреба, потпирајќи се на податоци од Google Maps за да пронаоѓа важни локации, да прикажува рецензии за ресторани, да дава препораки и да одговара на дополнителни прашања. Корисниците на MBUX виртуелниот асистент ќе имаат пристап до речиси моментални ажурирања од Google Maps, а системот е подготвен да „ракува со сложени, повеќеслојни дијалози“.
Овој агент користи Gemini, напреден јазичен модел, и функционира на платформата Google Cloud Vertex AI, која е дизајнирана да им помогне на компаниите да развиваат AI искуства. „Ова е само почеток на начинот на кој способностите на агентите можат да ја трансформираат автомобилската индустрија,“ изјави извршниот директор на Google, Сундар Пичај, пренесува Google.