Долгоочекуваната функција за следење на крвниот притисок конечно би можела да пристигне на врвните паметни часовници на Apple.
Според извештајот на Марк Гурман од Bloomberg, Apple Watch Ultra 3 и Apple Watch Series 11, кои се очекува да бидат претставени подоцна оваа година, би можеле конечно да ја добијат оваа долгоочекувана и многу корисна функција за следење на крвниот притисок.
Гурман наведува дека Apple во 2025 година ќе ги ажурира сите три модели на своите паметни часовници, при што Ultra 3 и Series 11 ќе ја имаат функцијата за следење на крвниот притисок. Сепак, оваа функција нема да биде достапна кај основниот модел Apple Watch SE 3, кој често се споменува.
Гласините за следење на крвниот притисок на Apple Watch уредите кружат со години, но оваа функција не беше вклучена ниту во Apple Watch 10, ниту во Apple Watch Ultra 2, веројатно поради промените во дизајнот на серијата 10.
Пристапот на Apple кон следењето на крвниот притисок веројатно ќе биде фокусиран на предупредувања кога корисникот има хипертензија, односно кога крвниот притисок ќе достигне ниво над 140/90 mmHg. Не се очекува да обезбедува конкретни вредности за дијастоличкиот или систоличкиот притисок, што може да биде резултат на ограничувањата во прецизноста на сензорите на часовникот.
Овој пристап е сличен на функцијата за откривање на апнеја при спиење, воведена на Apple Watch во 2024 година, која повеќе служи како препорака за корисниците да се обратат кај медицински стручњак за подетална дијагноза.
Сè уште не е јасно дали ќе биде потребна некаква калибрација со помош на манжетна за крвен притисок за да функционира оваа функција. Кај паметните часовници на Samsung е потребна редовна калибрација за следење на крвниот притисок, што значително ја намалува практичната употребливост на оваа функција.
Со оглед на тоа што начинот на следење на крвниот притисок кај Apple најверојатно ќе биде фокусиран само на советодавни предупредувања, се надеваме дека овој вид калибрација нема да биде потребен. Ако функцијата за следење на крвниот притисок навистина биде воведена оваа година, таа ќе се придружи на низа потенцијално животно важни функции кај Apple Watch уредите, како што е откривањето на атријална фибрилација, пренесува Toms Guide.