Американската вселенска агенција NASA во соработка со компанијата Space X ја лансираше мисијата „Blue Ghost“ (Син дух) која на Месечината ќе испорача најголем број инструменти во историјата на истражувањата на овој Земјин сателит.
Мисијата беше лансирана од вселенскиот центар „Кенеди“ во Флорида, а беше лансирана со ракета Falcon 9 на SpaceX.
„Оваа мисија го отелотворува смелиот дух на мисијата Artemis на NASA, која е водена од научно истражување и откривање. Секој лет во кој сме дел е витален чекор во поголем план за воспоставување одговорно, постојано човечко присуство на Месечината, Марс и пошироко. Секоја демонстрација на научен инструмент и технологија нѐ носи поблиску до постигнување на нашата визија. Им честитаме на тимовите на NASA, Firefly и SpaceX за ова успешно лансирање“, рече заменик-директорката на NASA, Пем Мелрој.
Кога мисијата ќе пристигне на Месечината, а тоа е закажано за 2 март, инструментите ќе ја тестираат технологијата за дупчење на Месечината, способноста за собирање примероци од месечеви карпи и почва и методи за ублажување на месечевата прашина.
„NASA го води светот во истражувањето на вселената, а американските компании се клучен дел за враќањето на човештвото на Месечината. Научивме многу лекции за време на ерата на Apollo кои нѐ информираа за технолошките и научните достигнувања“, соопшти NASA.
Како дел од современите активности на NASA за истражување на Месечината, испораката на научни инструменти ќе му помогне на човештвото подобро да ги разбере планетарните процеси и еволуцијата, да бара вода и други ресурси и да поддржи долгорочно, одржливо истражување на Месечината во подготовка за мисија која ќе вклучува испраќање луѓе на Марс.
На овој лет NASA испрати 10 инструменти, уредот LISTER, кој ќе го анализира топлинскиот проток на внатрешноста на Месечината и спроводливоста на месечевата подземна прашина.
Покрај тоа, пакетот вклучува инструменти за собирање примероци од површината на Месечината, уреди за прецизно мерење на растојанието на Месечината од Земјата, компјутер отпорен на радијација, активна технологија за намалување на прашината и спречување на акумулација на опасната месечева прашина.
Инструментот LEXI ќе направи серија слики за проучување на сончевиот ветер и магнетното поле на Земјата, што предизвикува геомагнетни нарушувања и бури. Уредот LMS ќе ја карактеризира структурата и составот на обвивката на Месечината со мерење на електрични и магнетни полиња. Ова истражување ќе помогне да се одреди температурната структура на Месечината и топлинската еволуција за да се разбере како Месечината се ладела и хемиски се менувала откако се формирала.
„Со 10 научно-технолошки инструменти на NASA кои се лансирани на Месечината, ова е најголемата испорака досега, и ние сме горди на тимовите кои нѐ доведоа до оваа точка“, заклучи NASA.