Додека кинеските производители веќе масовно претставуваат паметни телефони со капацитет над 6.000 mAh, се наведува дека претстојните iPhone 17 Air и Galaxy S25 Slim ќе имаат батерии со капацитет помеѓу 3.000 mAh и 4.000 mAh.
Оваа година се очекува Samsung и Apple да ги претстават своите најтенки мобилни телефони досега, Galaxy S25 Slim и iPhone 17 Air. Иако според повеќето спецификации овие телефони ќе бидат рамо до рамо со останатите водечки модели на производителите, треба да се биде реален и да се разбере дека цената на таа тенкост дефинитивно не е мала.
Во случајот на iPhone 17 Air, веќе знаеме дека Apple жртвувал доста работи. Наводно, ќе има само една задна камера како компромис за потенок дизајн, нема да поддржува физички SIM-картички, а сега е откриено и дека ќе има мал капацитет на батеријата, што негативно ќе влијае на автономијата. Со овој проблем некогаш се соочуваше и iPhone Mini, кој Apple го пензионираше уште во 2022 година.
Сепак, iPhone 17 Air не е единствениот. Иако Galaxy S25 Slim можеби има повеќе камери, тој исто така нема да биде крал на траењето на батеријата. Технолошкиот аналитичар Digital Chat Station објави на Weibo дека двата телефони ќе имаат батерија со капацитет помеѓу 3.000 mAh и 4.000 mAh.
Ова, би се осмелиле да кажеме, е прилично разочарувачки, особено во време кога кинеските конкуренти сè повеќе користат нова технологија на силициумско-јаглеродни батерии, која овозможува поголема густина и, со тоа, поголем капацитет. Сепак, нема никакви индикации или гласини дека Samsung и Apple наскоро би можеле да ја усвојат оваа технологија.
Резултатите од користењето на силициумско-јаглеродни батерии може да се видат токму во неодамна претставениот Honor Magic 7 Lite, кој за помалку од 400 евра има батерија со капацитет од дури 6.600 mAh. Значи, во свет каде што кинеските телефони од среден ранг имаат батерии со голем капацитет, значително поскапите iPhone 17 Air и Galaxy S25 Slim ќе мора да се задоволат со – компромиси.