Врховниот суд на САД донесе одлука по жалбата на сопствениците на TikTok за законот со кој оваа апликација се забранува во оваа држава, а највисокиот суд во САД даде позитивно мислење за овој закон.
Како што најавуваа американските медиуми, според анализата на коментарите на судиите на Врховниот суд за време на сослушувањето, со ова целосно се отвора патот за забрана на апликацијата TikTok во САД.
Од Белата куќа соопштија дека спроведувањето на законот ќе биде во рацете на Доналд Трамп, кој ја презема функцијата во понеделник, со оглед на тоа што администрацијата на Бајден потврди дека нема да ја спроведува забраната за апликацијата, која треба да започне во недела.
Според законот усвоен во текот на 2024 година, TikTok, чиј сопственик е кинеската компанија ByteDance, ќе биде забранет во САД, освен ако не дојде до промена на сопствеништвото. Сега спроведувањето на забраната е во рацете на Трамп, кој во последно време ги омекна своите ставови за оваа апликација, а американските медиуми пренесуваат дека TikTok сега може да биде спасен само преку економски или политички договор.
Во изминатите неколку месеци сопствениците на TikTok на различни начини се обидуваа да го поништат законот, а конечната одлука беше на судиите на Врховниот суд.
Со оглед на тоа што беше извесно дека ќе дојде до забрана на TikTok во САД, ByteDance наводно веќе се подготвува за продажба на американските операции на апликацијата за да го заобиколат законот.
Како потенцијален нов сопственик се споменуваше и Елон Маск, милијардер и близок соработник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.